Македонија
Рускиот амбасадор Шчербак порача: Избрзана е одлуката на Македонија за протерување на дипломатот
„Со големо жалење забележуваме дека некои држави, меѓу кои и властите на Македонија, презедоа чекори кои се непријателски за Русија, му веруваат на Лондон и на сметка на интересите на своите држави и на билатералните односи, донеле избрзана одлука за протерување на нашиот дипломат“, оцени денеска на прес-конференција рускиот амбасадор во земјава, Олег Шчербак. Тој порача дека Русија соодветно ќе одговори на мерките преземени против нивните дипломатски претставници.
„Немаме традиција да брзаме во одлуките и во нашите чекори. Во дипломатската пракса протерување дипломат претставува сериозен и непријателски чекор. И во свое време ќе вратиме со наш одговор, но овој одговор ќе биде адекватен, добро промислен од сите страни“, рече Шчербак.
Според него, британските власти, спротивно на сите норми на меѓународното право, етиката и здравиот разум, засега одбиваат да соработуваат со Русија.
„Промовираат кампања за оцрнување и демонизација на Русија. Се одвива намерно напумпување на конфронтацијата. Врз основа на уцена, брутален политички притисок, инспирирано е неосновано протерување на руските диломати, најавени се низа мерки и санкции“, рече амбасадорот.
Тој додаде дека Русија упорно го повикува Лондон за тесна соработка за да има детална истрага за трагедијата во кога со гас беа затруени двојниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Според амбасадорот, однесувањето на британските власти поставува многу прашања.
„Населението на Велика Британија го држат во незнаење за клучните аспекти на тој случај. Не е позната вкупната бројка на настрадани, ниту, пак, местоположбата ниту здравствената состојба на повредените руски државјани, чии права се кршат на најбрутален начин“, рече тој.
Амбасадорот информираше и дека во Скопје е отворена книга на жалост по трагедијата во трговскиот центар во Русија, каде што животот го изгубија десетици деца. Тој додаде дека идната недела, кога ќе се одбележуваат девет дена од трагедијата, ќе се одржи молебен во црквата „Свети Архангел Михаил“ во Автокоманда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

