Македонија
Груевски ќе биде најчест гостин во новиот барокен суд, за кој ја фрли првата лопата
В сабота, на 31 март, на денот на правосудството, точно напладне свечено треба да биде пуштена во употреба новата барокна зграда на кривичниот суд во Скопје. Барокната зграда која почна да се гради во 2010 година има десет нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Изградбата на објектот беше поддржана со приближно 8,3 милиони евра заем од Светска банка.
Новиот објект има 74 судиски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни судници од кои едната ќе биде со капацитет за 200 лица за случаи на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер-сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, судиски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 квадратни метри.

Претседателот на судот, Иван Џолев, не одговори на прашањето на „Макфакс“ на кој начин и за колку време треба да се очекува новата зграда на кривичниот суд целосно да биде ставена во функција и да се одржуваат судењата. Неофицијално, селењето ќе се одвива во етапи по оддели.
Експремиерот Никола Груевски, кој во мај 2010 година присуствуваше на свеченоста за поставувањето камен-темелникот, рече дека Владата работи на подобрување на судската инфраструктура. Тој присуствуваше на свеченоста заедно со тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и експретседателката на кривичниот суд, Лидија Неделкова. „Изградбата на зградата на кривичниот суд претставува само еден сегмент од севкупните активности на Владата на РМ, насочени кон зајакнување на ефикасноста на судството во борбата против организираниот криминал“, изјави тогаш Груевски.
Во моментот специјалното јавно обвинителство против Груевски води 5 активни обвиненија за неколку кривични дела, а отвори и 3 нови истраги. В понеделник, пак, почнува најголемиот случај на специјалното јавно обвинителство „Титаник“, каде што Груевски е обвинет за три кривични дела: „злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања“, „злосторничко здружување“ и „повреда на избирачкото право“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

