Македонија
Извршителката што наплатила 200 евра за долг од 1 денар ветила дека ќе направи сè за да се реши ситуацијата

Извршителката Моника Муча преку која било изготвено решението за наплата на над 200 евра за долг од казнена камата од 1 денар на скопски пензионер вчера се сретнала со синот на должникот, објави тој на „Фејсбук“. „Би сакал да ве известам дека по објавувањето на мојата објава во врска со извршителското решение кое пристигна на адреса на татко ми, денеска се сретнав со извршителката Моника Муча, која е подготвена да излезе во пресрет и да се изнајде решение во согласност со нејзините законски надлежности за настанатата ситуација“.
Синот на должникот напиша дека дејствијата се започнати на барање на доверителот пред нотар, а притоа тврди дека во ниту еден момент во изминатиот период од речиси 2 години татко му не бил лично известен ниту од доверителот, ниту од нотарот дека има казнена камата од 1 денар, ниту, пак, дека постојат нотарски трошоци кои произлегуваат од постапката за наплата на таа камата. „Со објавата немав намера да ѝ нанесам лична штета на извршителката, туку целиот револт и гнев е изразен кон начинот на кој функциниора целиот систем во кој се поврзани големите доверители, нотарите, адвокактите и извршителите, што најчесто завршува на штета на граѓаните“, напиша тој на „Фејсбук“.
Вчера Комората на извршители реагираше со соопштение во случајот, во кое пишува: „Согласно со извршната исправа должникот бил задолжен да плати износ од 3.464,00 денари на име главен долг, како и трошоци во постапката направени пред нотарот во износ од 4.208,00 денари. Од причина што должникот со задоцнување го платил главниот долг, а трошоците на постапката во износ од 4.208,00 денари останале ненаплатени почнува да тече камата на главен долг. Со оглед на тоа доверителот пресметал законска казнена камата во износ од 1.00 денар во барањето пред извршителот и побарал исплата на трошоците содржани во платниот налог издаден од нотарот“. Комората ги поучи граѓаните обврските да ги намируваат навремено, со што би се избегнале дополнителни трошоци кои влијаат врз нивниот личен стандард.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Царините на Трамп стапија во сила, стапката за Македонија е 15 отсто, како и за земјите од ЕУ

Царините на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз од десетици земји, кои се движат од 10 до 50 проценти, стапија ВО сила и ја ставија на тест стратегијата на републиканците за намалување на трговскиот дефицит.
Царинската и граничната заштита на САД (CBP) започна со собирање повеќе царини во 00:01 часот по источно време, по недели неизвесност околу конечниот процент на мерките на Трамп и забрзаните преговори со земјите од целиот свет кои сакаа да ги намалат.
Основен процент од 10 проценти претходно беше воведен за увоз од многу земји откако Трамп ги паузираше повисоките царини објавени на почетокот на април. Но, американскиот претседател оттогаш често ги менуваше своите планови, па затоа воведе повисоки стапки за некои земји.
Ова вклучува 50 проценти увоз од Бразил, 39 проценти од Швајцарија, 35 проценти од Канада, Србија, и 25 проценти од Индија. Во среда, тој објави дополнителна царина од 25 проценти за увозот на руски енергетски производи од Индија, која ќе стапи во сила за 20 дена.
Во пресрет на стартот на царините, Трамп зборуваше за милијарди долари што ќе се влеат во САД, главно од земји за кои тврди дека ги искористиле САД.
Осум големи трговски партнери кои сочинуваат 40 проценти од трговијата со САД постигнаа рамковни договори со Вашингтон, вклучувајќи ја Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја. Тие обезбедија основна каматна стапка од 15 проценти. Велика Британија се согласи на 10 проценти, а Виетнам, Индонезија и Филипините помеѓу 19 и 20 проценти. Стапката за Македонија, како што претходно беше објавено, изнесува 15 проценти.
Македонија
Сончево време, попладне со услови за нестабилност

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието. Максималната температура ќе биде во интервал од 28 до 36 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 35 степени.
Македонија
Без вода делови од скопски Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска ( четврток) поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. Драгиша Мишовиќ бр. 7, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Драгиша Мишовиќ, Роберт Кох и Трифун Пановски, како и корисниците од ул. Бледски Договор лоцирани на потегот од бул. Илинден до ул. Карпошево Востание. ( општина Карпош )