Свет
(Видео) Пилџер: Исклучувањето на интернетот на Асанж и случајот „Скрипал“ дел од пропаганда што води кон војна

Случајот со труењето на рускиот шпион Скрипал и потегот со исклучување на интернетот на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон од 2012 година, се дел од пошироки мерки со кои се крши слободата на говорот, а еволуира ризикот за вистинска војна, оценува австралискиот истражувачки новинар и режисер Џон Пилџер за „Раша тудеј“.
„Ова е војна против слободата на говорот, на овој човек му е одбиено најосновното право – слобода на говорот. Тоа е дел од една поширока војна против познати непријатели, а Русија е една од нив, Кина е друга”, вели Пилџер.
Еден извор близок до Викиликс изјавил за „Раша тудеј“ дека Еквадор го прекинал интернетот на Асанж поради неговиот твит за апсењето на поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон во Германија. Пилџер тврди дека начинот на кој западните медиуми наместо да ја вршат својата работа, слепо го поддржуваат официјалниот став за настаните во Салсбери, е уште еден пример на глобална пропаганда.
„Тоа е дел од пропагандната војна што го претставува нападот во Салсбери. Тука имаме руски дипломати кои се протерани низ целиот свет врз основа на никакви докази”, вели тој.
Поранешниот руски двојник Сергеј Скрипал и неговата ќерка беа отруени и најдени паднати во несвест во домот во Салсбери. Владата на Велика Британија ја обвини Русија за нападот, но Москва ги негира обвинувањата нагласувајќи дека не се презентирани докази за инцидентот. По повиците од Лондон, речиси 30 држави објавија дека ќе ги протераат руските дипломати за случајот.
Пилџер вели дека Асанж бил критикуван од британската влада зашто рекол дека Велика Британија води лоша дипломатија за да ги истера руските претставници без независна потврда за нејзината брза истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Шахта во Њујорк експлодира неколку секунди откако по неа помина жена со деца

Безбедносна камера во американскиот град Паукипси, Њујорк, снимила драматичен момент кога капак на шахта експлодирал неколку секунди откако покрај неа поминала жена со количка и две деца, објави Би-Би-Си.
На видеото се гледа како жена турка количка и држи дете за рака додека оди по улица. Во моментот кога се оддалечени само неколку чекори има силна експлозија и од земјата избива оган и чад.
Според соопштението на противпожарната служба во инцидентот нема повредени, но во неколку згради во блокот била откриена висока концентрација на јаглерод моноксид.
„Жителите од околните згради се евакуирани додека нивото на гас не се сведе на безбедно ниво“, соопштија пожарникарите.
Причината за експлозијата се уште не е официјално потврдена, но се сомнева дека има технички дефект во електричната или гасната инфраструктура под коловозот.
Свет
Објавен мистериозниот портрет на Трамп кој Путин му го подари на американскиот претседател

Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен го објави портретот што рускиот претседател Владимир Путин му го испрати на подарок на американскиот претседател Доналд Трамп во март.
На него е претставен американскиот претседател по обидот за атентат, а автор на портретот е рускиот уметник Никас Сафронов.
Сликата го покажува Трамп со крената тупаница и траги од крв на лицето – потсетување на моментот на атентатот за време на настап во кампањата во Пенсилванија на 13 јули 2024 година.
Зад него се вее американско знаме, а во позадина се видливи Статуата на слободата и Менхетен во Њујорк.
Свет
Зеленски: Спремни сме на директни разговори со Русија

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена за директни разговори со Русија по прекинот на огнот
„Подготвени сме да седнеме во кој било формат“, изјави украинскиот претседател за новинарите на брифинг.
Да потсетиме дека вчера и рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен за директни преговори со Киев.
Во изјавата за новинарите, Путин рече дека би било можно директно да се разговара со Киев за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура.
„Имаме позитивен став кон прекинот на огнот“, рече Путин, мислејќи на одлуката на Русија да спроведе изненадувачки 30-часовен Велигденски прекин на огнот.