Македонија
Груевски в понеделник ќе му направи сефте на новиот кривичен суд

Експремиерот Никола Груевски заедно со 21 останат обвинет во случајот на СЈО „Титаник“ ќе ѝ направат сефте на новата зграда на кривичниот суд. Првото судско рочиште за овој предмет е закажано за понеделник и е предвидено да се одржи во една од големите судници во новиот објект, кој утре ќе биде пуштен во употреба со свеченост. Камен-темелникот на новата зграда на кривичниот суд беше поставен во 2010 година, а меѓу присутните беше и тогашниот премиер Груевски, кој заедно со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, ги фрлија првите лопати.
Барокната зграда која почна да се гради во 2010 година има десет нивоа, две подрумски, приземје, шест ката и поткровје. Изградбата на објектот беше поддржана со приближно 8,3 милиони евра заем од Светска банка. Новиот објект има 74 судиски кабинети, 22 средни судници и две репрезентативни судници од кои едната ќе биде со капацитет за 200 лица за случаи на организиран криминал и една за 100 лица. Обезбеден е простор за архиви, шалтер-сала со 60 работни места за сите оддели и простории за судската полиција, судиски кабинети за кривичниот оддел за организиран криминал, оддел за прекршоци и оддел за извршување санкции, кабинети и канцеларии за одделот за истрага, истражен оддел за организиран криминал, канцеларии за судската управа и судската служба, како и паркинг простор за 60 возила. Објектот има вкупна корисна површина од 8.826 квадратни метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.