Македонија
Едно лице загина во сообраќајка на патот Велес-Штип

Едно лице загина во сообраќајна несреќа на регионалниот пат Велес-Штип, што се случи околу 14 часот. Несреќата се случила помеѓу автобус со велешки регистарски таблички и „шкода“ со скопски регистарски таблички, кои се движеле во спротивни правци.
Во несреќата на лице место животот го загубил возачот во автомобилот „шкода“, чиј идентитет не е утврден. Во тек е увид на лице место од страна на полициски службеници и основен јавен обвинител од Свети Николе.
Поради сообраќајна незгода кај раскрсницата за село Црнилиште, сообраќајот на патниот правец Велес-Штип од 14.15 часот е во целосен прекин, информираат од Автомото сојузот на Македонија. Сообраќајот од Штип се пренасочува преку Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинато водоснабдување во дел од Карпош

Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека денеска на ул. Будимпештанска 26А поради дефект во шахта (промена на вентил од ф 3/4), со прекинато водоснабдување ќе бидат ул. Осло, Хашка, Будимпештанска и дел од Женевска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.(општина Карпош)
Македонија
Денес втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи денес, 1 август, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Сончево време со температура до 34 степени

Времето денес ќе биде потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 34 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 33 степени, јавува УХМР.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Ќе има услови за локална појава на пороен дожд и грмежи. Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а од вторник се очекува стабилизирање на времето.