Свет
Стејт департментот предложи нови мерки за добивање на американска виза
Патниците кои што ќе сакаат да ги посетат САД наскоро ќе мораат да даваат и информации за нивните идентитети на социјалните мрежи, податоци за претходните телефонски броеви кои ги имале и е-маил адреси, соопшти американското Министерство за надворешни работи.
Патниците ќе имаат обврска да даваат податоци за последните пет години – каде претходно патувале во странство, броевите на телефоните кои ги користеле во тој период, е-маил адресите и профилите кои ги имаат на друштвените мрежи. За оваа мерка и за нејзиното усвојување ќе се одлучува на 29 мај.
Оваа мерка ќе се однесува на околу 10 милиони луѓе годишно кои сакаат да извадат туристичка виза или пак да емигрираат во САД. Ваквите мерки нема да се однесуваат на дипломатите и на владини претставници.
Во предлогот не се споменува програмот за изземање од визи (ЕСТА) кој го користат државјани на околу 40 богати земји, меѓу кои 30 во Европа. Овој програм овозможува престој во САД во период од 90 дена без процедура за добивање виза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Колумбија: Ги раскинуваме дипломатските односи со Израел
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно силно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има претседател геноциден“, рече Петро на собир по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, додаде тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа 34.488 Палестинци, а ранети се 77.643, според здравствените власти во Газа. Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и го уништи најголемиот дел од крајбрежната енклава.
Најавата на Петро за прекин на дипломатските односи со Израел доаѓа во екот на се почестите шпекулации дека Израел наскоро ќе го нападне градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци раселени од своите домови.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Свет
Хамас: Одговор за предлогот за примирје и ослободување на заложниците веројатно утре
Водачите на Хамас вечерва рекоа дека го проучуваат предлогот за примирје и ослободување на заложниците што им го претставија египетските посредници и велат дека се надеваат оти ќе го испратат својот одговор до утре, се вели во соопштението на палестинската милитантна група испратена до „Асошиејтед прес“.
Тековната рунда разговори за примирје меѓу Израел и Хамас изгледаат сериозни, но страните се во несогласување за едно клучно прашање – дали војната треба да заврши како дел од договорот, објави „Тајмс оф Израел“.
„Многу веројатно утре, односно четврток, ако даде Господ, посредниците ќе добијат одговор“, соопшти Хамас.
Преговорите меѓу Хамас и Израел, преку посредници како САД, Катар и Египет, траат со недели, а по Париз се водат нови рунди разговори во Каиро.