Македонија
Поради најавите за дожд, се врши максимален испуст на вода од Охридското Езеро во Црн Дрим
По одржаната седница на Регионалниот штаб за управување со кризи-Охрид, во врска со најавениот засилен ветар и врнежи во охридската котлина, донесени се заклучоци за преземање на соодветни мерки за превенција. Од Центарот за управување со кризи информираат дека се врши максимален испуст на вода од Охридското Езеро во реката Црн Дрим, а извршено е и пренасочување на река Сатеска директно кон Црн Дрим.
За состојбата известени се угостителските објекти кои се лоцирани близу крајбрежјето на Охрид и Струга.
Исто така, наведуваат од ЦУК, ќе се врши засилена контрола на патниот правец Струга-Дебар во село Луково поради зголемениот истек на вода од испустот на браната Глобочица.
„Состојбата будно се следи од страна на сите субјекти на ЦУК, кои ќе преземаат соодветни мерки за санирање на евентуални настанати ризици и опасности“, велат од ЦУК.
Според најавите од УХРМ, денеска и утре се очекуваат врнежи на дожд во количина од 20 литри на метар квадратен. Врнежите ќе бидат поинтензивни утре наутро кога ќе дува силен јужен ветар со брзина од 80 километри на час.
„Ова ќе предизвика нагло зголемување на дотекот на вода во сливното подрачје на реката Црн Дрим, особено на профилот на браната Глобочица. Најголемите протеци на вода добиени според анализите правени согласно со метеоролошката прогноза се очекува да бидат утре, околу 06 часот изутрина, а ќе траат до попладневните часови, истиот ден кога се очекува стабилизрање на истеците на вода“, велат од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Градско – Прилеп
Денеска во 20:25 час, сообраќајот на регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучката Манастирец кој беше пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор е пуштен за сообраќај во целост.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.

