Македонија
Засадени 100 нови рози во Паркот на Лајонизмот

Уште сто нови рози, денеска, беа засадени во Паркот на лајонизмот во Скопје во рамки на традиционалната манифестација по повод празникот Цветници. Еколошката акција е организирана од членовите на Лајонс клуб „Вардар“ и лео клубот „Аксиос“, заедно со други клубови од Дистрикт 132.
„Во урбана средина, розите ја оплеменуваат околината и се убави за око. Исто така, имаат својство да ги впиваат издувните гасови од автомобилите, особено оловото. Ова им дава посебно место во изборот за еколошко цвеќе, погодно за нашиот град. Лајонс клуб Вардар, преку оваа традиционална акција, придонесува кон подобра животна средина. Досега се посадени околу 500 садници во Паркот на Лајонизмот, каде под наше покровителство се донираа клупи, маси и патека за движење. Од сето ова, студентите и вработените во кампусот на технички-технолошките факултети, како и граѓаните, имаат бенефит и може да ги користат позитивните ефекти на акцијата“, рече Илијана Муратовска, претседател на Лајонс клуб „Вардар“ по завршување на манифестацијата.
Целта на еколошката акција е да се подигне свеста за екологијата и разубавување на просторот. Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет во Скопје, како и досега, редовно се грижат за одржување на розите.
“Акциите на Лајонс клубовите се место за заедничко учество и помагање кон сите социјално ранливи категории во општеството, со што ја реализираме мисијата СЛУЖИМЕ. Под ова главно мото се наоѓа целокупната мисија на организацијата, координацијата, промоцијата и преземањето активности од јавен интерес, со осврт кон добротворни акции каде што е најпотребно“, додава Муратовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.