Македонија
Церар ги поздрави разговорите со Грција: Сега е вистинскиот момент за решение
Словенечкиот премиер, Миро Церар, кој престојува во посета на Македонија, попладнево на заедничка прес-конференција со претседателот на Владата, Зоран Заев, ги поздрави интензивираните разговори со Грција и оцени дека сега е вистинскиот момент за можно решение.
Церар и на билатералната средба и во официјалната изјава соопшти дека Република Словенија ја поддржува Македонија во аспирациите за членство во ЕУ и во НАТО. Тој рече дека на премиерот Заев и на Владата им успеало да ја стабилизираат Македонија, што е еден од основните предуслови за развој.
„Република Македонија созрева, напредува во реформите, а стабилна и успешна Македонија е интерес како на нашата држава, така и на регионот и на Европа“, рече Церар, кој додаде дека е потребно да се интензивира процесот на интегрирање на Македонија и на регионот во ЕУ и во НАТО и дека тој како премиер и Словенија како држава, со тие позиции настапуваат пред Европа. Премиерот на Словенија изјави дека очекува скора препорака за Македонија, што ќе ги поттикне понатамошните позитивни процеси во државата.
Словенечкиот премиер ја потврди определбата на Словенија за продлабочување на соработката со Македонија и за поддршка на нашата држава во повеќе области, како што се екологијата, енергетиката, земјоделството, индустријата.
На билатералната средба беше разговарано за можноста за поконкретна помош преку грант од Словенија што би бил наменет за еколошки цели, како и за продлабочување на соработката во земјоделството, туризмот, културата и за зголемување на трендот на трговската размена.
Двајцата премиери и владините делегации разговараа и за геополитичките состојби и споделија визија, за стабилност, економски развој и евро-атлантски перспективи на целиот Западен Балкан.
Словенечкиот премиер и владината делегација од Словенија беа пречекани со највисоки почести при денешната возвратна посета на Република Македонија. Тие се тука и утре, кога заедно со големата економска и бизнис делегација, заедно со колегите од Македонија ќе учествуваат на Бизнис конференција во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

