Македонија
Шекеринска: Сакаме да бидеме дел од НАТО зашто е еден од најуспешните сојузи во историјата на човештвото

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска по повод Денот на НАТО беше организатор на трибина со наслов „НАТО и ти“. Покрај неа, на трибината учество зедоа министерот за финансии, Драган Тевдовски, хрватската амбасадорка Даниела Баришиќ, и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, капетанот Горазд Бартол. Тие дискутираа за тоа што претставува НАТО, зошто Македонија сака да биде дел од него и кои се придобивките од членството за државата и за македонските граѓани.
Во рамките на трибината Шекеринска посочи дека Македонија сака да биде дел од алијансата зашто НАТО е еден од најуспешните сојузи во историјата на човештвото.
„Половина од светската економска моќ, но и половина од воената моќ е онаа на НАТО. Воената моќ не значи дека алијансата има капацитет за напад, туку дека има капацитет да гарантира колективна безбедност и колективна одбрана“, рече министерката за одбрана.
Шекеринска се осврна на две прашања – зошто Македонија сака и зошто може да биде членка на НАТО истакнувајќи дека тоа е консензуална определба на граѓаните, но и на политичките партии.
„Ако ја видите листата на земји со највисок квалитет на живот по разни основи, ќе видите дека од првите десет од секоја листа, осум се членки на НАТО, една е партнер на НАТО, една е опкружена со НАТО-членки“, рече министерката. Додаде дека за Македонија, членството во НАТО ќе ја гарантира безбедноста и ќе овозможи економски раст.
Министерката воедно потсети на зборовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој во Собранието на Република Македонија рече дека сојузниците се импресионирани од реформите што нашата земја ги правеше и сè уште ги прави.
Амбасадорот на САД, Бејли, на оваа трибина посочи дека по тоа што таа се разликува од претходните дискусии е дека сега може да се каже дека постои реална можност Македонија набргу да стане членка на НАТО и рече дека се цени учеството на Македонија во мисиите на алијансата.
Инаку, трибината беше отворена со воведни обраќања од националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, претседателот на светската организација АТА, Фабрицио Лучиоли, и претседателот на „АТА Македонија“ и советник за НАТО на премиерот, Исмет Рамадани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.