Македонија
Агенцијата за медиуми го опомена радиото „Слободна Македонија“ – 7 дена емитувало само музика
Вонредниот надзор што го спроведе Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 5 до 11 март покажа дека радиото„Слободна Македонија“ емитува само музика. „Вкупно емитуваната 168-часовна содржина беше составена од музика, а радиодифузерот воопшто не го спроведуваше програмскиот концепт за кој му е издадена дозволата за радиоемитување“, пишува во извештајот.
Директорот на Агенцијата донесе решение со кое го опоменува Радиото и му наложува во рок од 30 дена од приемот на решението да го усогласи работењето со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според програмскиот концепт, радиото „Слободна Македонија“ треба да биде говорно радио со претежно информативен општ формат. 37,9% од застапеноста на содржините треба да бидат говорни, во текот на една недела.
Радиото Слободна Македонија, кое важеше за блиско до претходната власт, почна со работа во декември 2013 година на фреквенцијата на поранешното радио„Равел“ во Скопје, и на неколку други фреквенции низ државата. Според платформата „Медиа Педиа“, основач на радиото е Друштвото за консалтинг и посредување „НВСП ДООЕЛ“ од Скопје, а сопственик е Владислав Стајковиќ, брат на поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, кој е обвинет во случајот „Трезор“ на специјалното јавно обвинителство.
Фирмата „НВСП“ е сопственик на кумановската К3 телевизија (поранешен „Златен канал“), се поврзуваше со Државна видеолотарија. Владислав Стајковиќ, пак, беше и управител на фирмата „Финзи“ преку која, СЈО во обвинението тврди дека биле испумпувани пари и бил оштетен буџетот на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови како во времето на Груевски
Свиркачи од Министерството за здравство информираат дека Владата на Христијан Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови со сомнителен квалитет, кој беше укинат во времето на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Еве како планира владата на Мицкоски да го направи тоа, со измена на член од Закон за до членство на ЕУ да може да тераат паралелен увоз. Не сакаат во ЕУ заради пари, тргуваат и со здравјето на луѓето. Информациите за намерите на власта ги потврдуваат и некои здруженија но и многу пациенти кои стравуваат од лекови со крајно лош квалитет опасни по здравјето. Токму преку паралелниот увоз на лекови власта на ДПМНЕ и Никола Груевски ги правеше најголемите криминали на штета на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека во 2016 бил откриен скандал дека во државава биле внесени фалсификувани лекови и тоа дел од нив биле откриени на Клиниката за онкологија каде се лекуваат пациенти болни од рак.
„Затоа СДСМ го забрани. Но, криминалот за ДПМНЕ е поважен од здравјето на граѓаните. Оттука се овие обиди на власта да го врати паралелниот увоз на лекови. Само заради бизниси со тендери. За пари. Ова се случува во време на корупциски скандали и обиди на власта да дефокусира од темите со мигрантите и недостатокот на пари. На мала врата буктаат вакви сериозни и големи работи. СДСМ ги поддржи сите акции кои ќе значат спречување на овој обид на власта да го врати паралелниот увоз и да ги загрози животот на пациените за пари“, наведува СДСМ.
Македонија
СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС да престанат да се однесуваат како хиени и чим дознаат за нечија смрт, да им се јавува павловиот рефлекс, и да се радуваат над нечија тажна судбина како што е случајот со новороденчето на Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е јасно како бел ден е дека сите неопходни протоколи се преземени и сите надлежни институции се известени. И доколку се утврди било каква човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата. Ниту ќе биде сокриен некој, ниту овој случај ќе биде заташкан како многу претходно кога Филипче беше министер за здравство. Тоа е важната разлика помеѓу оваа и претходната влада. Не е во ничиј интерес да се сокрие било што. Наместо сочувство до семејството, СДС прави политика од смртта на новороденчето. Тоа е за секаква осуда“, велат од партијата.
Македонија
ЗНМ и ССНМ: Каква било резолуција не смее да влијае на новинарската слобода на изразување
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) укажуваат на одредени формулации во резолуцијата за миграцијата поднесена од партиите што се дел од владината коалиција до Собранието, кои се однесуваат на јавниот говор и медиумското известување. Притоа истакнуваат дека не навлегуваат во политичката, безбедносната или стратешката суштина на резолуцијата, ниту во дебатата за мигрантските политики.
„Неколку формулации во резолуцијата, кои се однесуваат на јавниот говор, дезинформациите и наводното нарушување на јавниот ред и мир, во ваква општа и недоволно прецизна форма може да бидат проблематични од аспект на слободата на медиумите и правото на информирање“, велат од таму.
Во соопштението се наведува дека особено загрижува фактот што во резолуцијата се прави директна врска меѓу дезинформации, ширење паника и примена на одредби од Кривичниот законик и други закони, без јасно и недвосмислено разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување. Ваквите формулации, велат од ЗНМ и ССНМ, оставаат простор за широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите.
„ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во демократско општество улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат изјавите и политиките на сите носители на власт, вклучително и преку поставување прашања, анализа и пренесување информации од јавен интерес, дури и кога тие информации се непријатни или контроверзни за власта. Таквото известување не смее да се изедначува со дезинформации, манипулации, лажни сценарија или закана за јавниот ред и мир доколку е засновано на професионални и етички новинарски стандарди.
Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека во државата веќе постојат воспоставени механизми за саморегулација, како што се Советот за етика во медиумите и Советот на честа, кои се единствениот соодветен пат за постапување во вакви случаи наместо решенија преку општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект кон слободата на изразувањето.
Апелираме институциите, при донесување резолуции, декларации или други акти, особено внимателно да ги формулираат деловите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана за слободата на изразување, која е загарантирана со Уставот и со Европската конвенција за човекови права.
Слободните, професионални и независни медиуми и заштитата на правата на новинарите се клучен столб на демократското општество и на јавниот интерес“, се наведува во соопштението.

