Македонија
Благодатниот оган пристигна од Ерусалим во земјава

Црковна делегација на МПЦ-ОА на скопскиот аеродром го презеде Благодатниот оган што со авион во земјава пристигна од Ерусалим преку Софија. Благодатниот оган од Софија го донесе владиката Иларион од Брегалничката епархија.
Оганот во фенер од скопскиот аеродром ќе биде пренесен во Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје, а потоа и во другите епархии и храмови низ државата. Ова е првпат МПЦ-ОА за Велигден официјално да го добие Благодатниот оган со помош на Бугарската православна црква.
Илјадници христијански верници од повеќе држави присуствуваа на симнувањето на Благодатниот оган кај црквата Воскресение Христово, Светиот гроб во Ерусалим. Пред Велигден, Благодатниот оган се пали на гробот на Исус Христос за време на молитва што ја води патријархот ерусалимски и на цела Палестина, Теофил Трети. Патријархот потоа пренесе пламен до верници кои го користат за да запалат 33 свеќи, по една за секоја година од животот на Исус. Светиот оган го претставува пламенот кој чудесно се појавува на Светиот Гроб во Ерусалим на Велика сабота, пред православниот Велигден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 35-годишнината од формирањето на Венецијанската комисија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Венеција, Италијанска Република, по повод учеството на одбележувањето на 35-годишнината од постоењето на Европската комисија за демократија преку право (Венецијанската комисија), советодавно тело на Советот на Европа.
Предвидено е Сиљановска-Давкова на 11-ти октомври да се обрати на свеченото одбележување на годишнината, кадешто, покрај останатите високи гости, е најавено присуството на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду. На настанот ќе му претходи отворање на изложбата на тема „Демократија преку право: од Република Серенисима до Венецијанската комисија на Советот на Европа“.
Претседателката ќе оствари средби со Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе и со претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Марк Кулс.
Во рамки на посетата, претседателката ќе оствари средба со претставници на македонската заедница во Италија и ќе се обрати на приемот што по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, ќе се одржи во Генералниот конзулат во Венеција.
Сиљановска-Давкова во периодот од 2008 до 2016 година беше македонски претставник во Венецијанската комисија.
Македонија
За четири дена, казнети 2.131 возачи

Од почетокот на седмицата лишени од слобода 21 лице за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик, констатирани 2.131 сообраќајни прекршоци, соопшти МВР.
Во периодот од 06.10.2025-09.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.131 издадени платни налози, 411 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 21 лице, од кои 19 за возење под дејство на алкохол, двајца за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 642 прекршоци за неправилно паркирање, 237 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 22 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле седум возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 66 пешаци. Исто така санкционирани се 132 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 54 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 33 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 28 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела

Нобеловата награда за мир ѝ е доделена на Марија Корина Мачадо од Венецуела.
Норвешкиот Нобелов комитет соопшти дека таа ја добила наградата „за нејзината неуморна работа за промовирање на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведен и мирен премин од диктатура во демократија“.
Мачадо е опозициска политичарка, економистка и една од најистакнатите критичарки на режимот на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Таа е основач на движењето „Vente Vente Venezuela“ и симбол на борбата за демократски промени во земјата, позната по своите либерални и продемократски ставови.
Две децении, Марија Корина Мачадо е најпрепознатливото лице на венецуелската опозиција и симбол на борбата против режимот на Николас Мадуро. Оваа 57-годишна инженерка, поранешна членка на Националното собрание и лидерка на либералното движење „Vente Vente Venezuela“, е позната по своите непопустливи критики кон авторитарната влада и повикува на враќање на демократијата во земја уништена од корупција, инфлација и политички прогон.
На почетокот на 2000-тите, Мачадо ја основа организацијата Сумате, која се бореше за фер избори и транспарентност, поради што таа често беше цел на властите. Во јануари 2024 година, како што се приближуваа претседателските избори, Врховниот суд на Венецуела, контролиран од Мадуро, ја дисквалификуваше од политиката 15 години, забранувајќи ѝ да се кандидира за функција. Ројтерс и Би-Би-Си известуваат дека Мачадо потоа ја именуваше професорката Корина Јорис за нејзина замена на опозициската листа.
И покрај забраната, Мачадо продолжи да се појавува во јавноста, собирајќи поддржувачи низ цела Венецуела. Во јануари 2025 година, таа беше накратко уапсена по говорот во Каракас, а сведоците тврдеа дека нејзиниот конвој бил нападнат. Според Би-Би-Си, таа набрзо беше ослободена, додека властите негираа дека се случиле какви било апсења.
CNN и Ројтерс известуваат дека Мачадо се смета за клучна фигура во демократската опозиција од страна на меѓународната заедница, вклучувајќи ја Европската Унија и САД. Таа е добитничка на неколку меѓународни награди, вклучувајќи ја наградата Сахаров за слобода на мислата (2024) и наградата Вацлав Хавел за човекови права.
За многу Венецуелци, Марија Корина Мачадо останува симбол на храброст, граѓански отпор и надеж дека земјата, по години авторитарно владеење, ќе најде пат назад кон слободата и политичките промени.
Фото: ЕПА