Македонија
Груевски ги слушаше првите необјавени бомби до доцна во ноќта
Експремиерот Никола Груевски слушаше бомби по 21 часот во судницата за предметот „Тенк“ за набавката на „мерцедесот“. Беа пуштени 8 бомби, од кои 4 што не беа јавно објавени.
Во една од бомбите поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, разговара со Груевски и му вели дека човекот од кој ја очекуваат спецификацијата за „мерцедесот“ е договорен.
„За да не ни улета некој друг“, разговараше Јанкулоска со Груевски, зашто, според неа, понудата е 100 проценти електронска и има малку простор за интервенција. Вели дека би можела да влета конкурентската фирма, ама не би требало да има проблем.
Тоа на „м“, Јанкулоска и бившиот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, меѓу себе го викале „триаголникот“.
„Ние ова го праиме за да биде извесно, а за набавката на 150 возила да биде неизвесно за да се спушта цената“, му вели Јанкулоска на Божиновски во една од бомбите.
Таа на обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен заменик-министер во МВР, му кажува дека имаат проблем со буџетот во МВР.
„Од дополнителна опрема да има телевизорче за деца. Нам ни е битно испораката да биде побрзо, а исплатата покасно“, му вели Јанкулоска на Поповски.
„Тој шо треба од таму да ни каже да пишеме за да испадне како што сакаме“, разговара Јанкуловска за човекот од компанијата.
Во другиот разговор Никола Груевски ѝ вели на Јанкулоска да не објавуваат за „мерцедесот“ до локалните избори.
„Ќе го користиме кога ќе поминат“, вели Груевски.
„До локалните нека биде вака за да не се дознае“, додава тој.
По емитувањето на бомбите, адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, рече дека бомбите се аудиокреација на неидентификивани гласови. Тој побара да се одбијат како докази во обвинението пред судот.
Претходно судот на адвокатите им ги одби сите 5 приговори за да не се слушаат бомбите во судницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

