Македонија
Заев се сретна со Климкин: Создадени се услови за унапредување на можностите за инвестиции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостоловска, и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска се сретна со Павло Климкин, министер за надворешни работи на Украина.
На средбата е изразена заедничка определба за значително унапредување на односите помеѓу двете држави. Констатирано е дека постои интерес за продлабочување, посебно на економската соработка. Оценето е дека се создадени услови за развој на соработката, по прогресот во нашата држава и реформските чекори што ги презема новава Влада на економски и политички план, како и надминатиот повеќегодишен застој за функционирањето на Мешовитата комисија за спроведување на договорот за слободна трговија, откако е именуван копретседавач со Комисијата, министерката Апостоловска, од страна на Владата на Република Македонија.
Министерот Климкин рече дека Владата на Република Македонија добро се справува со предизвиците на полето на реформите и добрососедските односи и дека тоа отвора пат кон евроинтеграциите на државата. Министерот Климкин исто така изрази подготвеност за политичка и експертска поддршка од Украина, а пренесе и интерес на полето на инвестициите.
-За Република Македонија евроинтеграциите се стабилност, безбедност и економија. Работиме на напредок во клучните области важни за квалитетот на живот на граѓаните и за ЕУ и НАТО. Затоа ја оценуваме 2018 за значајна година, месецов да се тргне условеноста на препораката за преговори, а потоа и исчекори на евро-атлантски план, рече премиерот Заев.
На средбата се разговараше и за можностите за унапредување на соработката и во областа на земјоделството, енергетиката, продолжување на добрата соработка во одбраната. Потврдени се и заложбите на двете држави за демократски развој и почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и министерот за надворешни работи на Украина, Климкин, зборуваа за билатералната соработка, но и за важноста од обединета Европа на безбедносен план, што ќе се постигне со интеграциите на Македонија и на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.