Македонија
(Видео) Села: Заев не заслужува поддршка
„Алијансата за Албанците“ на гласањето за доверба на Владата ќе гласа „воздржано“, рече пратеникот Зијадин Села. Според него, премиерот Зоран Заев не ја заслужува поддршката за доверба.
„Јас ја дадов поддршката кога беше избран за премиер, денес не ја заслужуваш поддршката за доверба. Гласот на ’Алијансата за Албанците’ ќе биде воздржан“, рече Села.
Тој додаде дека во собраниската сала имало луѓе што живееле со логиката – умре царот, да живее царот – обраќајќи му се на Заев со зборовите: „Ова го велам со жалење, еден режим се урна, а се раѓа друг“.
Според Села, собраниската седница за гласање доверба на Владата е обичен театар, преку која, како што вели, македонската опозиција треба да се врати во Собранието. Тој вели дека не гледа суштинска дебата и му порача на Заев дека ја нема довербата од пратениците на „Алијансата за Албанците“.
Пратеникот Села за законот за јазиците, кој е дел од интерпелацијата, вели дека требало да биде донесен во 2004 година, а не, како што вели, денес да се говори за неговото носење.
„Ако сакате да знаете колку е значајно донесувањето на овој јазик, размислувајте контра вашите аргументи и ќе сфатите, тоа е исто како што вие го браните вашиот јазик. Им благодарам на сите пратеници што го излгасаа законот за јазиците“, додаде Села.
Тој вели дека „Алијансата за Албанците“ нема де биде дел од, како што вели, политичките игри за да ја поддржи интерпелацијата на Владата.
„Кога ја почнавте шарената револуција, отсуствуваше демократијата. Денес, ние со право кажуваме дека сè уште отсуствува демократијата. Изборите треба да донесат измени и кај Албанците. Двете политички партии прават сè за да ја поддржат албанската паритја која 16 години ги добива изборите, а нема легитимитет кај Албанците. Човекот што го поддржавте за градоначалник на Струга е дел од прислушуваните разговори. Ако не сте разбрале што е демократија, тоа е промена. Кога ќе дојде денот, ќе се открие вистината“, рече Села.
Тој на Заев му рече да не најавуваат промена на министер од редовите на ДУИ во друго министерство бидејќи ДУИ ќе ја изгори и таа архива, како што се случило во „Македонска пошта“ и во Министерството за правда. Според Села, нема суштинска реформа во правдата.
„Реформа во правдата, со министер што ќе ја запали архивата, нема да има ниту во иднина“, рече Села.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета избркаа цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покажува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покажа како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.

