Македонија
Oпштина Аеродром: Немаме ингеренции за зградата во Реонскиот центар
По низата реакции во јавноста во однос на изградбата на станбената зграда во Реонски центар Аеродром, Општинта се огради дека нема ингеренции.
„Одобрението за градба за таа локација е дадено на 9.11.2016 година, а комуналиите се платени пред тоа. Инвеститор за оваа зграда е АДСДП или поранешно ПУИГ, односно државна институција, и не станува збор за приватен инвеститор. Градоначалникот Златко Марин веќе оствари средба со граѓаните од овој дел на населбата и ги информираше дека самата општина нема ингеренции да ја стопира градбата, туку е потребен договор помеѓу ПУИГ и изведувачот на објектот“, се вели во соопштението на Општина Аеродром.
Општината додаде дека ќе поддржи договор кој ќе биде во интерес на сите засегнати страни, но она што јавноста треба да го знае е дека решение треба да се бара на релација ПУИГ и компанијата што треба да го гради објектот.
Жителите подолго време негодуваат поради хаосот што е настанат со континуирана изградба на згради. Се жалат дека нема доволно зелени површини иако оваа населба е рекордер по загаденост на воздухот. Исто така велат дека неконтролираното населување прави проблем со паркинг-местата и дека улиците се преплавени со возила и се оневозможува движењето. Тие пред пет недели алармирале до Општината Аеродром да се преиспита одлуката за градба на ова место. Сметаат дека ќе се наруши и така тесниот урбанистички простор меѓу околните згради и предлагаат на тоа место да се направи или детски парк или да се обезбедат уште паркинг-места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Невзат Бејта е наш кандидат за посилен Гостивар
Коалицијата „реди“ објавува дека на изборите за Општина Гостивар на 11 јануари, нивен кандидат за градоначалник ќе биде Невзат Бејта.
„Одлуката доаѓа по интерен процес на консултации и анкети со граѓаните на Гостивар, каде што Бејта убедливо резултираше како најдоверлив и најпосакуван избор. Граѓаните го ценеа неговото искуство, имплементираните проекти и позитивното влијание што го имаше за време на претходните мандати на чело на општината“.
„Вреди“ како што велат од партијата, верува дека Невзат Бејта претставува стабилност, професионализам и визија за континуиран развој на Гостивар. Коалицијата, додаваат од таму, останува посветена на тоа да им понуди на граѓаните силни алтернативи и докажани кандидатури во конкретни работи.
Македонија
Не може потпис на правен акт да е предизвикувач на пожар, рече Шилегов, бранител на државниот советник Шофкет Хазари обвинет во „Пулс“
Нешто повеќе од половина час, денес, во судницата во „Идризово“, адвокатот Петре Шилегов, бранител на државниот советник во Министерството за економија, Шофјет Хазари, обвинет за трагедијата во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, даваше воведен збор. Рече дека е свесен оти и тој како бранител, но и сите во судницата, се наоѓаат во можеби најтешкиот предмет во македонското судство и дека не постои суд и пресуда на светот што ќе ги отстрани последиците. Рече дека ако кој било од присутните може да го врати времето, првин на што ќе помисли е датумот 16 март 2025 година.
За обвинението рече дека не видел „правно поаналфабетски памфлет и не заслужува да го носи името обвинителен акт“. Ги читаше делата за кои е обвинет поранешниот државен советник Хазари и рече дека за секое ќе докаже дека е невозможно да го сторил.
„На Шофкет Хазари му се става на товар дека бил свесен оти може да настапи штетна последица и се согласил со нејзиното настанување, и тоа за кривично дело опишано во член 288 од КЗ на РМ, квалификувано во член 292. Обвинителството нè убедува, а ние ќе докажеме оти е невозможно обвинетиот Шофкет Хазари во периодот од 13.12.2012 година до 28.03 2019 се согласил дека на 16 март 2025 ќе има пожар во ноќниот клуб во Кочани. Делото што се става на товар вели – тој што со пожар, поплава, експлозија отров или отровен гас и озонирачко зрачење, моторна пила, електрична или друга енергија или со друго општо опасно дејство или средство ќе предизвика значителна опаснос за животот и имотот на луѓето од поголеми размери, па се предвидува казната. Тоа е делото што го сторил обвинетиот Шофкет Хазари. Со кои средства?“, праша адвокатот Шилегов.
Понатаму, објасни дека други вработени во Министерството за економија ги изработувале и ги контролирале лиценците на кои се нашол и потписот на Хазари, еднаш оти дал согласност за лиценцата во 2013 година и трипати оти ги проверил лиценците за 2014, 2017 и за 2018 година, што му била работна обврска. Шилегов рече оти во обвинението ги барал, но не ги нашол зборовите согласност и проверено, па смета дека е нејасно како Хазари предизвикал пожар или дал придонес за пожарот.
„Не може потпис на правен акт што сте биле должни да го дадете како дел од работните обврски да е предизвикувач на пожар. За мене, барем е неразбирливо и мислам дека човек и не треба да е правник за оваа нелогичност присутна во памфлетот на Обвинителството да каже дека ја сторил овој обвинет“, рече адвокатот Шилегов.
Хазари, според Шилегов, не може да одговара ниту за соизвршителство оти не ги познавал другите обвинети за соизвршителство, а прв и единствен пат оди во Кочани на денот кога е уапсен и го спроведува полиција, па праша како можел да ја запали дискотеката или да му помогне некому да ја запали.
Врв на глупоста, според Шилегов, е теоријата на каузалитет, односно постоење причинско-последични врски оти лиценците на кои е потпишан Хазари имаат рок на важност од една година.
„Со издавање на секоја лиценца прекинува важноста на претходната. Не може лиценца издадена во 2013, 2014, 2017 и во 2018 година, каде што се наоѓа потписот на Хазари, да има правна важност за работата на дискотеката. Годишни се барањата. Ако имате прекини, не може да имате континуитет по дефиниција“, рече Шилегов и праша зошто не се во судницата сите вработени во Министерството за економија, кои работеле на постапките и зошто има поранешни министри и директори, а нема актуелни.
Тој побара Обвинителството да го повлече предметот и квалитетно да го доработи нагласувајќи дека Обвинителството можело да врши кривичен прогон против Хазари за кое било кривично дело врзано со службена злоупотреба или несовесно работење.
На крајот, првин се извини за она што ќе го каже, а потоа му се обрати на обвинителот од Кочани: „Ако нам ни тврдевте дека постоел тој јавашлак, што правевте вие 13 години во Кочани? Што правевте? Ако ја прифатиме ваквата теорија, тогаш обвинителот требаше да го слуша, а не да го чита обвинителниот акт“.
Судењето продолжува со воведни зборови на бранителите на вработените во Министерството за економија и во Државниот пазарен инспекторат.
Македонија
СДСМ: Британската телевизија ГНБ го потврди договорот за мигранти со Македонија
СДСМ денеска во соопштение реагираше на новите информации од британската телевизија Great Britain News (GBN), која, како што велат, го потврдува договорот за стационирање мигранти во Северна Македонија.
Во соопштението се цитира изјава пренесена од GBN, во која Бери Гардинер вели:
„Ние не можеме да ги држиме овде, велиме не можете да останете во Обединетото Кралство, но не можеме ниту да ги вратиме од каде што се дојдени. Затоа им велиме дека ќе бидат стационирани во Северна Македонија, каде што ќе можат да работат, каде што има потреба од работна сила и да изградат живот таму. Тоа не е скапо за нас, поскапо е да ги оставиме овде“.
Во соопштението, партијата оценува дека овие информации претставуваат „уште еден потоп за сите лаги од кујните на ВМРО-ДПМНЕ“ и го повикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се изјасни за Резолуцијата против мигранти со прашањето: „До кога Мицкоски ќе бега од одговор за Резолуцијата против мигранти? Нека каже дали ќе ја поддржи, да или не?“.

