Скопје
Манијак нападнал две жени во скопски Карпош
Две жени пријавиле во полиција дека биле нападнати од манијак во скопски Карпош.
Според информациите на полицијата, вчера во 11:30 часот во Полициската станица Карпош, О.К.Л. (42) од Скопје пријавила дека истиот ден околу 11 часот на ул. „Волгоградска“ непознат сторител излегол пред неа со спуштени панталони и се обидел и неа да ја соблече. Жената успеала да го истурка манијакот, по што тој избегал.
Подоцна, во 13:40 часот во Полициската станица Карпош и С.С. (24) од Скопје пријавила дека на истата улица во 13 часот во влез од зграда непознат сторител ја нападнал одзади и почнал да ја допира по градите и телото. Таа го турнала, по што тој избегал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Започна темелна трансформација на просторот на потегот во Градски ѕид
Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до ул. „Македонија“.

Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога.

Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На целиот потег ќе се изврши целосно поплочување. Дотраените и искршени плочи се отстрануваат, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекување.

Со проектот е опфатено темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк.

Овој дел од Градски Ѕид е исклучително фреквентен, а уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе го поврзува Зелено пазарче со деловниот и станбениот дел на општината, велат од Центар.

Македонија
Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се обрати до граѓаните, а по повод пресудата на Апелациониот суд во Скопје за враќање на 127 милиони денари за Скопски саем.
„Од првиот ден кога ми ја дадовте довербата да ја водам Општина Гази Баба, јавно се обврзав на транспарентно, отчетно и одговорно работење. Мојот однос кон Вас, кон народот секогаш бил искрен, директен и отворен, без прикривање на проблемите, колку и да се тешки. За жал, по повеќе од шест години, денес се соочуваме со сериозен и тежок предизвик, кој е директна последица на неодговорното и недомаќинско работење на претходното раководство на општината.
Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.
Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште.
Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд.
По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари.
Оваа пресуда е јасен и недвосмислен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година, во Општина Гази Баба се работело неодговорно, без визија, без грижа за јавниот интерес и без почит кон законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени уплатените 73.460.330 денари, денес во 2026 година општината е должна да врати 127.000.000 денари.
Се работи за сериозен финансиски и институционален предизвик, кој со право предизвикува загриженост кај мене. Но сакам јасно да порачам: граѓаните да бидат спокојни.
Со одговорна, чесна и посветена работа, со домаќинско управување и со целосна транспарентност, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните.
Истовремено, за ваквата состојба ќе ги информираме сите надлежни институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност, согласно важечките закони во Република Македонија.
Правдата, одговорноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат основа на секое работење. Тоа Ви го должиме на Вас – граѓаните“, се наведува во обраќањето на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)

