Македонија
(Видео) Ременски: Речиси сите закони се усогласени со опозицијата
Потпретсeдaтелката на СДСМ и пратеничка, Фросина Ременски, е задоволна од опозицијата и поддршката за изгласувањето на законите кои требало да имаат двотретинско мнозинство.
Околу најавите за проширување на парламентарното мнозинство, пратеничката Ремнески вели дека е убедена во негово зголемување до крајот на април. Таа додаде дека прашањето за проширувањето на мнозинството СДСМ не го гледа само од аспект на парламентарно мнозинство, туку и како добивање поддршка за донесување закони.
„Нашата намера да се усвојат законите со пошироко мнозинство се потврди дека е возможна. Ги донесовме законите кои се важни за евро-атлантскиот пат, а особено важни поради злоупотребата на системите за прислушкување. Законот за заштита на сведоци кој го бараше СЈО сега ќе ги подобри истрагите на ова обвинителство. Другите закони му даваат поголема надлежност на Собранието за увид во работата на овие служби“, вели Ременски потенцирајќи дека континуирано ги следеле забелешките на Прибе. Според неа, законските решенија ќе обезбедат сигурност за граѓаните без злоупотреба на приватноста.
Пакетот закони од судството, поради техничкото усогласување, Ременски вели дека ќе се донесат наредната недела.
„Ние ги разгледуваме сите опции за изборот и разрешувањето на јавниот обвинител, кои треба да се преточат во законски решенија бидејќи таму треба да има независност поради фактот што минатите години се покажа дека нема независни јавни обвинители, барем не оној обвинител кој го разрешивме неодамна. Зборуваме за гласовите кои ги добива јавниот обвинител, кои се исклучително малку. Собранието не е единствено место за дебата по оваа прашање бидејќи таа се одвива и во јавниот сектор и граѓанските организации. Бараме решение кое го очекуваат граѓаните“, рече Ременски.
Пратеничката вели дека 6 работни групи преговараат и завршиле дел од работата околу усогласувањето на законите, а, пак, консултациите преку јавни дебати Собранието ги преточило во амандмани кои биле усвоени во второ читење. Според неа, најголем дел од агендата е исполната, а динамиката за измени и надополнувања на законите ќе се утврди во следниот период бидејќи засега најважно било да се убеди ЕУ дека Македонија е решена да отвори консензуално решение за законите од реформскиот пакет.
„Имаме консензус по многу прашања и работиме на повеќе колосеци“, вели Ременски.
Пратеничката од редовите на СДСМ вели дека се преговара за законот за избор на Државна изборна комисија, а овие прашања не се решавале преку ноќ. Поради тоа, тие ќе го барале најдоброто можно решение. Како и да е, според Ременски, законот мора да биде донесен до крајот на годинава, без разлика дали ќе се работи по стариот или новиот модел. За изборот на Антикорупциска комисија, пак, тие сакаат тоа прашање да биде усогласено со опозицијата, меѓутоа стручната јаваност околу ова прашање барала и законот да претрпи измени бидејќи имало недоречени одредби во делот и начинот на назначување на антикорупционери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.
Македонија
Граѓаните им удрија шамар на криминогените политичари, велат од Зелен хуман град
На локалните избори, граѓаните јасно и недвосмислено им покажаа на актуелните и владејачки и опозициски криминогени политичари и нивното коруптивно функционирање дека се непожелни во оваа држава, како и дека им е смачено од истите националистички наративи, истите празни ветувања и истата токсична политичка пропаганда која е сеприсутна во јавниот дискурс истакнуваат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Според нив, во првиот круг на локалните избори била забележана, како што велат, најниска излезност од независноста на Македонија.
„Првпат под 50%, во четири општини не беше исполнет ни цензусот да гласаат минимум една третина од избирачите поради што изборите за градоначалник ќе се повторат, имаше рекордни речиси 54.000 неважечки гласачки ливчиња за градоначалници и над 50.000 неважечки ливчиња за членови на советите. Во вториот круг на изборите беше забележана историски најниска излезност од само 40%, а за градоначалник на Град Скопје гласале едвај 35% од граѓаните. Повторно беше забележан и голем број на неважечки ливчиња“.
Како што оценуваат, таквите изборни факти не се апатија, туку се протест.
„Вакви изборни резултати укажуваат дека освен партиските приврзаници кои гласаат затоа што се дел од овој партиско-капиталистички систем во кој државните институции се целосно картелизирани и ставени во служба на големите партии и имаат личен интерес да гласаат (поради хонорар, вработување, тендери и слично), огромен број на граѓани сметаат дека во моментот не постои политичка опција која го заслужува нивниот глас. Но, како би можела да постои, доколку самите граѓани не ја создадат?
Појаснуваат дека тие почнле како граѓанска иницијатива со намера не само нивното делување туку и нивната форма, како што велат, да бидат контратежа на големите партии.
„Нашето постоење ја разоткри вистината дека вистинската промена не доаѓа од тие што го создадоа системот, туку од луѓето кои имаат храброст да му се спротивстават. Ја согледаа заканата која им ја претставуваме и стануваат сѐ подрски во методите на задушување на граѓанскиот глас. Принудени сме да се приспособиме за да останеме во борбата!
Затоа ве повикуваме сите вас кои сте незадоволни од актуелната состојба во Македонија – од енормниот степен на загадување, екстремната суровост кон бездомните животни, нефункционалните институции кои служат единствено за партиски потреби, а не за потребите на граѓаните, партиската узурпација на секој јавен ресурс и од многу други неправилности – да ни се придружите во Зелен хуман град.
Дај го својот потпис за да формираме партија со која ќе можеме непречено и заеднички да се бориме за позелено и похумано општество“.

