Економија
Анѓушев: Швајцарската реномирана компанија Баумер инвестира во Македонија

Нови 10 инвестиции се влезени во земјава за само 10 месеци по новите транспарентни мерки од Планот за Економски раст со нула денари за маркетинг. Во изминатите 10 години претходната влада потрошила 225 милиони евра за влез на вкупно 23 компании. Од вкупните трошоци повеќе од половина од средствата, околу 130 милиони евра, беа за реклами, промоции и роуд шоуа – ова го посочи Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев во обраќањето на седницата на Собранието на која пратениците изгласаа доверба на Владата за нејзината работа.
„Последната е реномираната швајцарска компанија Баумер која дојде во Македонија за само 3 месеци. Разликата е што ние ги донесовме со нула денари за маркетинг. Ве охрабрувам да го следите процесот, ќе има уште осумнаесет нови инвестиции во следниот период “, изјави Анѓушев.
Вицепремиерот посочи дека успех на оваа Влада е тоа што за само 3 месеци од почеток на преговорите преку транспарентите мерки од Планот за економски раст инвеститорите се одлучуваат да инвестираат во земјава, за разлика од порано, кога им биле потребни 3 години.
На една од последните седници, Владата ја одобри одлуката за определување на периодот на закуп на градежно земјиште во ТИРЗ Скопје 1 и за висината на закупнината, со Нацрт – договор за долготраен закуп за компанијата „Баумер ДООЕЛ Скопје“, чија матична компанија е „Баумер Холдинг АГ“ од Швајцарија.
Оваа Влада ја стабилизираше земјата, и заедно со регионалното поврзување и развојот на инфраструктурата, создава поволна клима за реални и одржливи инвестиции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Вредноста на синдикалната минимална кошница во септември намалена за 430 денари

За покривање на основните животни потреби, во септември на четиричлено семејство му се потребни 65.077 денари, пресмета Сојузот на синдикати на Македонија. Споредено со месец август, вредноста на синдикалната минимална кошница е намалена за 430 денари.
Месецов за храна и пијалоци, како што стои во табелата, се потребни 23.394 денари, односно 670 денари помалку од август, кога требало да се потрошат 24.064 денари.
Според пресметките на синдикатите, доколку семејството живее под кирија, во изнајмен стан од 60 квадрати, месецов ќе му требаат најмалку 80.452 денари.
Економија
МФ: „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг „BB+“ со стабилен изглед, препознавајќи стабилен раст и доверливи економски политики

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потвди кредитниот рејтинг на РС Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед.
Според Министерството за финансии, оваа оценка е потврда за стабилноста на економските политики и сигнал за доверба во макроекономските перспективи на земјата.
„Во својот извештај, „Фич“ нагласува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгогодишната политика на фиксен девизен курс и подобрите показатели за управување во однос на земјите со слична оценка остануваат клучни фактори што ја поддржуваат стабилноста. Во првата половина од 2025 година, реалниот БДП порасна за 3,2%, поддржан од силна приватна потрошувачка и зголемен извоз. Економските изгледи за следниот период се позитивни“, велат од Министерството за финансии.
„Фич“ очекува економијата да оствари раст од 3,2% за целата 2025 година и просечно 3,4% во периодот 2026–2027, што е над потенцијалниот долгогодишен раст од околу 3%.
„Растот дополнително ќе го поттикнат големите инфраструктурни проект кои ќе создадат нови можности за инвестиции и поврзување на економијата со европските пазари. Посветеноста кон процесот на евроинтеграции е дополнително препознаена како сидро за спроведување на структурни реформи и зајакнување на институциите. Иако се очекува умерено намалување на странските директни инвестиции по рекордните 7% од БДП во 2024 година, тоа главно се должи на недостиг на работна сила и глобалната неизвесност во автомобилската индустрија“, пишуваат од МФ.
Според „Фич“ ограничувачки фактори за економскиот развој се негативните демографски трендови како и нискиот раст на продуктивноста, кои претставуваат структурни предизвици на среден рок.
„Фич“ ја нотира одложената имплементација на Законот за буџети, заради инвестициските активности и очекува постепено намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг на ниво значително под прагот од 60% од БДП на среден рок.
„Потврдата на кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед е значаен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека РС Македонија успешно ја зачувува економската стабилност во услови на глобални предизвици.Оваа одлука е дополнителна потврда за кредибилноста на економските политики и претставува охрабрување за продолжување на реформите, за јакнење на фискалната дисциплина и за подобрување на конкурентноста на економијата, со крајна цел обезбедување повисок животен стандард за граѓаните и нови можности за развој“, стои во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Цените на кафето Арабика паднаа на најниско ниво во последниот месец

Цените на кафето арабика паднаа на најниско ниво во последниот месец – 8 долари (6,8 евра) за килограм.
Ова дојде по веста дека американските парламентарци подготвуваат закон за ослободување на увозот на кафе од царини, кои беа воведени во јануари 2017 година, објави „Трејдинг економикс“.
Претставници на обете партии во американскиот Конгрес, и републиканци и демократи, поддржуваат предлог што би го опфатил печеното кафе, како и кафето без кофеин и нуспроизводите.
Дури и ако Конгресот го усвои, предлогот сепак ќе бара потврда од американскиот претседател Доналд Трамп.
Пазарите на кафе беа нестабилни, а арабика се приближи до рекордни максимуми претходно оваа недела поради неизвесноста во снабдувањето и трговските нарушувања по царините што САД ги воведоа врз Бразил, најголемиот извозник на кафе во светот.
Потенцијалното ослободување би ги намалило тие притисоци, бидејќи бразилските земјоделци би можеле да ослободат залихи и да ја зголемат понудата.
Временската прогноза е исто така во фокусот, а очекуваните врнежи од дожд во Бразил се клучни за жетвата следната година.
Од друга страна, Виетнам се подготвува за најголемата жетва на кафе робуста во последните четири години, што дополнително влијае на цените.