Македонија
Очевидци за „Макфакс“: Детето поминуваше улица на пешачки премин
Стотина граѓани излегоа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“ во скопската населба „Ѓорче Петров“, откако 10-годишно момче вечерва беше прегазено во сообраќајна несреќа.
Очевидци за „Макфакс“ сведочат дека човекот што удрил во момчето, станал од возилото и го одвел детето в болница.
„Колата возеше во спротивна насока за да ги избегне препреките на патот. Детето беше удрено додека ја поминуваше улицата на пешачкиот премин“, раскажуваат очевидците.
Во моментов полицијата врши увид, а улицата „Борис Сарафов“, каде се случи несреќата е затворена за сообраќај.
Жителите на протестот раскажуваат дека подолг период бараат од општината да биде поставена светлосна сигнализација.
Претходно, од МВР за „Макфакс“ соопштија дека до сообраќајната несреќа дошло кога возило од марката „опел астра“ удрило во детето, кое по ударот било пренесено на Ургентниот центар. Засега не е познато во каква здравствена состојба се наоѓа.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.

