Македонија
Заев: Безусловна препорака од Европската комисија за Македонија

Премиерот Зоран Заев на прес-конференција и официјално соопшти дека Европската комисија дала безусловна препорака за членство во Европската Унија.
„Најголемата заслуга за овој напредок ја имаат граѓаните на Македонија. Владата посветено ги сработи реформите. Одлуката да се стави крај на штетната политика ја донесоа граѓаните. Власта ги послуша граѓаните, кои знаат што е важно за чекорењето на Македонија кон ЕУ. Ќе продолжиме со реформскиот пакет. Власта покажа дека е инклузивна и прифаќа различно мислење, а опозицијата покажа дека е свесна за сопствената одговорност“, вели Заев.
Според премиерот, со иста посветеност се разговара со Грција за решавање на спорот со името и, како што вели, да се затвори и ова прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Недоволниот буџет и застојот во инвестициите го поткопуваат здравствениот систем, покажува ревизијата

Државниот завод за ревизија објави дека 23 програми за здравствена заштита во 2023 година се реализирале со недоволни средства, што резултирало со нарушена ликвидност на јавните здравствени установи, недостиг на лекови и слабости во контролите.
Дополнително, капиталните проекти, вклучувајќи ја изградбата на нови клинички центри, се соочиле со долгорочни застои и финансиски импликации кои влијаат на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.
За овие утврдени состојби, неправилности и неусогласености, Државниот завод за ревизија издаде неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и политики.
Во 2023 година, за 23 здравствени програми биле обезбедени 5,3 милијарди денари, што не било доволно за навремено подмирување на обврските кон јавните здравствени установи. Притоа се евидентирани:
Во Програмата за лекување ретки болести, биле обезбедени лекови за околу 235 пациенти со трошок од 878 милиони денари, но не е спроведена евалуација на ефектот од терапиите, а недостигот од ажурирани податоци довел до слаба контрола на дистрибуцијата.
За инсулин и медицински помагала за пациенти со дијабетес биле потрошени 917 милиони денари, но не се реализирале предвидените превентивни активности, а податоците од „Мој термин“ не биле усогласени со извештаите од установите.
Програмата за рано откривање на малигни заболувања во 2023 година реализирала 22,9 милиони денари, но без јасно дефинирани индикатори, со низок опфат и доцнење во резултатите од скринингот.
За задолжително здравствено осигурување биле планирани 3,1 милијарда денари, но не се исплатени 1,5 милијарди денари за последните пет месеци, поради недоволен буџет и пораст на платите. Ова ја нарушило исплатата кон јавните здравствени установи.
Во Програмата за заштита од ХИВ биле потрошени 89,3 милиони денари, од кои 17 милиони за ангажирање здруженија, но без утврдени критериуми за избор и со слаба поврзаност меѓу мерките и буџетот.
Во делот на капиталните инвестиции, ревизијата нотира:
Проектот за изградба на Општа болница Кичево се соочил со долгорочни одложувања, значителни трошоци и ризик од дополнителни трошоци поради судска постапка во тек.
Проектите за нови клинички центри во Скопје и Штип, започнати во 2015 година со заем од CEB, сè уште не се завршени. Компонентата за Скопје е откажана, а за Штип договорот е раскинат, по што се покренати арбитражни постапки за отштетни побарувања во вредност од 45 милиони евра. Од заемот од 97 милиони евра, неповратно се повлечени 83,4 милиони евра.
Ревизијата дополнително укажува:
Градежните работи на ЈЗУ „Св. Еразмо“ – Охрид и Градска болница Струмица, започнати во 2015 и 2016, се завршени над 90%, но објектите сè уште не се во функција, поради пролонгирани рокови, анекси на договори, поскапувања и судски постапки. Одложувањето достигнува речиси 10 години.
Опфатот со вакцинација на населението е од 56,3% до 87,7%, со намалување по 2020 година, поради недоверба во вакцините и одложувања.
Во рамки на клучните ревизорски прашања, анализиран е и статусот, кадровската екипираност и финансирањето на Единицата за имплементација на проектот за нов клинички центар.
На проектната сметка остануваат неискористени средства од 8,4 милиони евра, од кои 6,01 милиони се од наплатени банкарски гаранции, а 2,4 милиони се повлечени, но неискористени средства од кредитот. Се укажува и на неизвесност околу идните трошоци кои ќе треба да се покријат од овие средства.
Дадени се препораки до надлежните институции за преземање на мерки за подобрување на состојбите.
Македонија
(Видео) Два полициски хеликоптери интензивно го гасат пожарот кај Чучер-Сандево, досега исфрлени преку 70 тони вода

Денеска, од самите утрински часови, два хеликоптери од Хеликоптерската единица за полициски намени при МВР, Бел 412 и Агуста бел 212 интензивно учествуваат гасење на пожарот кај Чучер-Сандево.
Досега се исфрлени преку 70 тони вода, извести МВР.
Македонија
Повеќе нови службени возила отколку што има вкупно амбулантни – Левица бара средства за здравството и Центар за изгореници

Пратеничката група на Левица поднесе амандмани на ребалансот на Буџетот за 2025 година, со кои предлага зголемување на средствата за јавното здравство.
Со еден од амандманите се предлага издвојување на 1 милион евра за набавка на нови амбулантни возила, имајќи предвид дека, според нив, просечната старост на возниот парк на итната медицинска помош во државата изнесува 14 години, а над 70 отсто од амбулантните возила се донации.
Во образложението на амандманот се наведува дека во периодот 2023–2024 година, институциите набавиле 270 нови службени возила, додека вкупниот број на амбулантни возила на ниво на државата е околу 200. Според податоците што ги наведуваат, државата располага со над 2.600 службени возила.
Со друг амандман се бара издвојување на 10 милиони евра за изградба на нов Центар за изгореници, со образложение дека таков центар постоел во минатото, но бил затворен. Левица посочува дека по настаните во Кочани, се покажале слабостите на системот и потребата од посебна здравствена установа за третман на изгореници.
Пратеничката група смета дека со овие предлози се зајакнуваат капацитетите на јавното здравство и се одговара на потребите на граѓаните.