Македонија
Хелсиншкиот комитет: Бегалската криза не е завршена, државата да се осигури дека може да ги гарантира правата на мигрантите

Бегалската криза не смее да се смета за завршена иако бројот на бегалци и мигранти што лани влегоа во Македонија е намален во споредба со 2016 година. Државата мора да продолжи да ги гради своите капацитети за да може непречено да ги гарантира основните човекови права и слободи на бегалците и мигрантите на својата територија, како и итно да престане со нелегалното групно депортирање“на овие луѓе кон соседните земји. Ова се дел од заклучоците кои Хелсиншкиот комитет за човековите права на Македонија ги истакна во годишниот извештај за 2017 за утврдените состојби и почитувањето на правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил што транзитираа низ земјава.
Во рамките на дискусијата за истражувањата беше разгледано и прашањето за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница во земјата. Препораката е дека Собранието треба да прогласи продолжување за да се следи ситуацијата на терен, да се подобри состојбата на транзитните кампови, како и третманот на бегалците. Хелсиншкиот комитет истакнува дека официјалната статистика на институциите покажува оти во Македонија во 2017 година бројката на бегалци и мигранти во прифатните кампови не надмина 200 лица.
Податоците од активистите на терен, пак, велат оти бројот на бегалци и мигранти што се движат по нерегуларните патишта е значително поголема. Овие лица, меѓу кои има мажи, жени и деца, не се заштитени од државните органи и се препуштени на шверцерски групи или на личната способност за преживување.
„Постојат три многу важни точки за оценување како државата се поставила во текот на бегалската криза. Тие се: националната пракса, начинот на кој се поставија државата и надлежните институции, како и севкупниот општествен одговор, вклучувајќи го и односот на месното население, односно степенот на ксенофобија и прекуграничната соработка затоа што стануваше збор за светска криза во која беа вмешани голем број држави. По сè што се соочивме, бегалската криза е добра лекција за сите нас, која нè научи дека сепак некои територии, кои мислевме дека се освоени во насока на почитување на човековите права и слободи, не се и сè уште мора да се бориме за нив. Сето она што е хуманост на хартија не е и хуманост на дело“, истакна Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, при презентацијата на резултатите од годишниот извештај за 2017 година, но и на бегалската криза од самиот нејзин почеток.
Во текот на минатата година низ Македонија поминале бегалци од повеќе земји, при што најмногубројни биле луѓето од Авганистан, Сирија, Пакистан, Иран и од Ирак. Поретко се среќавале бегалци и мигранти по потекло од Мароко, Алжир, Либија, Палестина, а кон крајот на 2017 биле регистрирани неколку турски државјани кои бегале од политички прогон.
„Од една страна, Македонија им обезбеди на бегалците и мигрантите удобен престој во земјата овозможувајќи им основни услови во транзитните кампови со цел да се почитуваат нивните човекови права. Од друга страна, покрај повремените прекршувања на човековите права во одделни случаи, како што се ограничување на слободата на движење, ограничен пристап до територија, употреба на прекумерна и неоправдана сила од страна на полициски службеници, најдоминантен проблем во текот на целата година е практиката на нелегална депортација, односно протерување на бегалците и мигрантите од државата, без соодветна процедура“, истакна Елена Брмбеска од Хелсиншкиот комитет.
За да се надминат ваквите проблеми, Хелсиншкиот комитет препорачува да се воспостави систем на навремено регистрирање на сите бегалци и мигранти што транзитираат низ земјава за да може да се следи нивното движење и да се зголеми заштитата на нивните човекови права. Да се гарантира правото на барање азил за сите бегалци, мигранти и странци задржани на територијата на Македонија, без условување од страна на државните органи, да се обезбеди надзор и поголема заштита за малолетниците без придружба, кои транзитираат низ земјава, а обвинувањата за употреба на прекумерна сила од страна на полициските службеници темелно да се истражат и евентуалните прекршители на законските овластувања да преземат одговорност. Дополнително, Хелсиншкиот комитет укажува дека неопходно е да се влијае врз јавното мислење за бегалската криза, со оглед на тоа дека минатата година е забележано високо ниво на ксенофобија помеѓу граѓаните, нетолеранција кон бегалците и говор на омраза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.