Регион
Регионалната медиумска платформа го осудува нападот врз новинар и камерман во Србија

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8.000 членови, остро го осудува физичкиот напад врз камерманот Владета Урошевиќ и новинарот Данило Машојевиќ од ТВ Прва во Србија. Воедно, ја поздравува и брзата реакција на српската полиција која го уапси осомничениот брзо откако се случил нападот.
Машојевиќ и Урошевиќ планирале да снимат интервју со градоначалникот на Лесковац. Сепак, во моментот кога пристигнувале на договореното место за снимање непознат човек почнал да вика и да ги навредува од кафе-барот што се наоѓал во близина. Човекот го употребил и својот автомобил за да го блокира возилото на ТВ Прва. Во моментот кога новинарската екипа почнала да ја вади опремата од автомобилот, насилникот го нападнал камерманот Урошевиќ, предизвикувајќи му повреди во пределот на главата. Инцидентот бил пријавен во полиција, а само неколку часа подоцна осомничениот бил приведен.
Регистарот на напади на незaвисното новинарското здружение од Србија покажува дека ова е втор напад врз новинари во 2018 година, додека бројот на вербални напади кон новинарите е значително поголем и тој изнесува 29. „И покрај брзата реакција на полицијата во овој случај, повторно предупредуваме дека големиот број напади и закани кон новинарите се резултат на политиката на неказнивост“, истакна претседателот на Независното здружението на новинарите на Србија, Славиша Лекиќ, и додаде: „Власта и нејзините претставници не испраќаат јасна порака до јавноста дека секаков вид напади врз новинарите кој се случува поради нивната работа е целосно неприфатлив“.
Регионалната платформа го поддржува Независното здружение на новинари на Србија во неговите напори да ги заштити новинарите и слободата на говорот и ги повикува меѓународните институции да извршат дополнителен притисок врз властите во Србија да покажат целосна заложба за ставање крај на неказнивоста во оваа земја, да ја осигураат безбедноста на новинарите и да ја почитуваат слободата на изразување и медиумите. Секој напад врз новинарите претставува напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) На детско игралиште во Белград убиен маж

Едно лице беше убиено синоќа во пукотница на булеварот Вудро Вилсон во Белград на вода, објави РТС.
View this post on Instagram
Докторката Виолета Николиќ од Одделот за итни случаи потврди за РТС дека 35-годишен маж бил застрелан синоќа во 23.13 часот.
„Нашиот тим можеше само да заклучи дека 35-годишниот маж е мртов“, рече д-р Николиќ.
На социјалните мрежи се објавени снимки, на кои се гледаат телото на убиениот маж на детско игралиште и апсењето на друго лице.
фото: принтскрин
Регион
Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење на реформите во Србија, која е потресена од месеци антивладини протести предизвикани од железничката несреќа во Нови Сад пред една година.
Тој се осврна на честите пофалби од Европската комисија, како онаа минатата година кога претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, му се обрати на српскиот претседател Александар Вучиќ со „драг Александар, покажа дека делата ги следат твоите зборови“.
За време на посетата на Белград во средата, наративот малку се смени, при што Фон дер Лајен му се обрати на Вучиќ со „господине претседателе“.
„Апелираме до Комисијата, наместо тоа, јасно да ја артикулира потребата од вистински и сеопфатни реформи, вклучително и враќање на демократските институции, зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Пицула.
Потпретседателката на пратеничката група на СиД, белгиската европратеничка Кетлин ван Бремпт, која е задолжена за проширување на ЕУ во нејзината група, истакна дека секоја неоправдана пофалба од страна на Комисијата за властите во Србија води до тоа студентите и граѓаните што протестираат на улиците да се чувствуваат предадено.
Европскиот парламент следната недела во Стразбур ќе дебатира за резолуција за растечката репресија во Србија, една година по уривањето на настрешникот на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика месеци протести што Вучиќ ги нарекува обоена револуција.
Во изјава за новинарите во Брисел, Пицула рече дека од февруари до септември оваа година имало повеќе од 10.700 протести во цела Србија, кои биле обележани со репресија врз демонстрантите, произволни апсења и политички мотивирани притворања.
фото: принтскрин
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.