Македонија
Пратеникот Китев на Пролетната сесија на ПССЕ

Пролетната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа се одржува од 23 до 27 април во Стразбур, Француската Република, на која учествува Бетиан Китев, шеф на делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на СЕ.
Собраниската прес-служба соопшти дека заедничката дебата ќе се осврне на прашањата на уредничкиот интегритет и статусот на новинарите во Европа, на која се очекува дискусија од пратеникот Китев. Улогата на Советот на Европа во Либија и извештајот за хуманитарните потреби на внатрешно раселените лица се исто така на дневен ред, како и извештајот за спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени. Како ургентни дебати се: „Подемот на антисемитизмот, исламофобијата и ксенофобијата во Европа: закана за европските вредности“, „Нелегалниот избор на претседател“ на Руската Федерација на привремено окупираната територија на Автономната Република Крим: кршење на човековите права“.
На пролетната сесија на ПС на СЕ, пред парламентарците утре ќе се обрати министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој ќе одговора на прашања од пратениците. Членовите на ПС на СЕ, исто така, ќе имаат можност да разменат мислења со генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд и со претседателот на Комитетот на министри, Андерс Самуелсен, министер за надворешни работи на Данска.
Пратениците на ПС на СЕ ќе избираат и еден судија во Европскиот суд за човекови права од предложените кандидати од Црна Гора, а ќе ги разгледаат и следните извештаи, предлог-резолуции и предлог-препораки: за вонредната состојба и отстапувањата во однос на член 15 од Европската конвенција за човекови права, за борбата против организираниот криминал преку конфискација на нелегални средства, за активности поврзани со финансирање на терористичката група Исил/Даеш, хибридните војни и нивните предизвици во областа на правото и човековите права, климатските промени и имплементација на Парискиот договор, хуманитарните потреби и права на внатрешно раселените лица во Европа, за ситуацијата во Либија: перспективи и улогата на Советот на Европа, интеграција, како и за зајакнување и заштита на децата мигранти преку задолжително школување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Воз удри во автомобил кај Зелениково, нема повредени

Во сообраќајна несреќа што се случи денеска кај Зелениково, воз удрил во патничко моторно возило, но за среќа, во инцидентот нема повредени лица.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека несреќата е пријавена во СВР Скопје во 18:10 часот. Според пријавата, воз удрил во автомобил управуван од Ж.М.К. (51) од Скопје, додека возот бил управуван од С.М.
На местото на несреќата веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош Скопје, која констатирала дека нема повредени.
Полицијата изврши увид и работи на целосно расчистување на случајот.
Македонија
Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја напушта коалицијата Вреди. Тој истакна дека останува член на партијата Алтернатива и дел од коалицијата Вреди, истовремено потенцирајќи дека како собраниски спикер ќе продолжи да ги извршува своите обврски согласно уставните надлежности.
„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Вреди. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, напиша Гаши.
По неодамнешните несогласувања со Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди најавија нов чекор кон поголемо политичко единство. Според најавите, следната недела ќе започне процедурата за создавање на единствена политичка партија што ќе ги обедини постојните партии од оваа коалиција.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во интервју за емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија, изјави дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, програма и советнички листи за претстојните локални избори.
Македонија
Фетаи жестоко го нападна Ахмети: Лицемерно е да зборувате за достоинство, додека замижувавте пред злосторства

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, остро реагираше ден по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој оцени дека само Арбен Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Владата се понижувачки. Фетаи го обвини Ахмети за лицемерие и му порача дека тој „не е ничиј слуга“.
„Ахмети рече дека Арбен Таравари разбрал оти Албанците во Владата го понижиле и девалвирале својот народ. Колку дрско лицемерие. Ахмети, јас не сум ничиј слуга. Чувајте го овој епитет за себе, вие кои посветено им служевте на антиалбанските сили и го легитимиравте секое злосторство врз Албанците“, напиша Фетаи на социјалните мрежи.
Тој постави и неколку директни прашања до Ахмети, обвинувајќи го за молк и неактивност во клучни моменти за албанската заедница.
„Каде бевте кога вашите министри уапсија мајка и ќерка Албанка лажно обвинети за исламистички тероризам? Дали некогаш сте проговориле кога државните структури убиваа албански патриоти? Дали кренавте прст кога толпи хулигани тепаа Албанци по улиците на нашите градови? Каде беше тогаш вашето достоинство?“, праша Фетаи.
Во неговата реакција, Фетаи го обвини лидерот на ДУИ дека ја прифатил агендата на ВМРО-ДПМНЕ и ги изневерил интересите на Албанците.
„Ти си тој што дозволи институциите финансирани од нашите даноци да ги навредуваат Албанците на национална основа. Ти си тој што прифати „Скопје 2014“ како национален проект и лавот на ВМРО-ДПМНЕ како илирски симбол. Замижувавте пред манипулациите со пописот. Испразнивте цели региони од Албанци. Никогаш во историјата немало поголемо понижување, повеќе предавство и мизерија отколку за време на вашето мрачно владеење“, порача Фетаи.
Според него, ДУИ единствено успеала во „збогатување на тесен круг луѓе“, додека народот, како што рече, останал да страда.
„Албанците не забораваат. Албанците не простуваат. Вашиот проблем е сметката – и таа ви тропа на врата“, заврши Фетаи.