Македонија
Општините во Полог со заедничка стратегија ќе се справуваат со поплавите

Општините во Полошкиот Плански Регион, корисници на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, кој се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), почнуваат со процес на продлабочување на меѓуопштинската соработка заради подобрување на отпорноста на заедниците кон ризикот од поплави и други типови природни катастрофи.
На дводневната работилница што се одржува во рамките на овој проект, финансиран од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка и швајцарскиот Секретаријат за економски прашања, претставниците на општините на Полошкиот Регион се согласија дека за подобро справување со ризиците неопходно е да се преземат мерки за создавање функционален механизам со учество на сите засегнати страни.
„Како што времето и местото на појавата на поплавите и нивниот интензитет не зависат од административните граници на општините, така и управувачкиот одговор на локално ниво ги надминува границите на индивидуалните општини“, изјави Димитрија Сековски, раководител на програма во УНДП. „Проектот, покрај значајни инвестиции, ќе обезбеди долгорочна визија и детален план за постепено намалување на ризикот од поплавите преку учество на бројни институции на локално и централно ниво и споделување на ресурсите“, додаде Сековски.
Целта на овој проект, беше истакнато на работилницата, е да се направи темелна промена во начинот на справување со ризикот од поплавите во Полошкиот Регион, кој се смета за најранлив во државата во однос на ова прашање. Само во период од неколку години во регионот се случија неколку поплави кои однесоа човечки животи и направија голема материјална штета. Затоа, како што беше истакнато, од клучно значење е продлабочувањето на меѓуопштинската соработка за заштита на населението и материјалните добра од поплавите.
На работилницата беа презентирани можните облици на соработка што ги нуди Законот за меѓуопштинска соработка (МОС), од кои, во рамките на работилницата треба да произлезе предлог за најсоодветен облик во согласност со заедничките цели и ресурсите со кои општините располагаат.
Сите општини од овој регион го потврдија својот интерес да учествуваат во воспоставувањето систем на ваков механизам за меѓуопштинска соработка со цел подобро управување со ризиците и справување со кризните состојби, преку заеднички инвестиции, како и ефикасна и постојана комуникација и координација меѓу засегнатите страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: За време на СДСМ улица во Драчево е преименувана во Азем Морана

Срамно и дрско е СДС да зборува за темелите на македонската државност откако променија знаме, име и Устав на државата, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„СДС која тоне се подолу во рејтингот меѓу граѓаните, заборава дека име на училиште го дава општинскиот совет, а не Владата. За да ги потсетиме, токму тие во време Зоран Заев како премиер и градоначалник на СДС во Скопје, во Драчево улица е преименувана во Азем Морана, откако претходно се викала Јустинијан Први. СДС говори за македонска државност, а во нивно време се променија и името, и знамето и Уставот на Македонија. Ги распродаваа државните интереси на кој стигнат за ден повеќе власт. Затоа граѓаните не им дадоа доверба и тонат секојдневно се повеќе. Подлоста на СДС оди во невидени размери, а ние како ВМРО-ДПМНЕ сме вчудоневидени на нивното однесување“, пишува во реакцијата.
Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.