Македонија
Иванов домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони
Претседателот Ѓорге Иванов утре во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони. Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.
Земји учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, претставени на ниво на претседатели на држави. На состанокот на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ќе учествуваат албанскиот претседател Илир Мета, претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, косовскиот претседател Хашим Тачи, словенечкиот претседател Борут Пахор, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, хрватскиот претседател Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ.
Во согласност со досегашната практика, покрај лидерите на земјите учеснички, на состаноците на Процесот Брдо-Бриони учествуваат високи гости од Европската Унија, како и лидери на земји членки на ЕУ. Почесни гости на состанокот во Скопје се претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и бугарскиот претседател, Бојко Борисов.
Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на ЕУ за Западен Балкан.
Во рамките на Процесот Брдо-Бриони, првпат по иницијатива на Република Македонија, минатата недела се одржа состанок на директорите на агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот, на кој се дискутира за безбедносната поврзаност како сегмент на регионалната соработка. Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ. Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.
Во рамките на оваа регионална иницијатива досега се одржани шест состаноци, од кои пет редовни и еден вонреден: во Брдо кај Крањ, Република Словенија, во 2013 година, во Дубровник, Република Хрватска, во 2014 година, во Будва, Црна Гора, во 2015 година, вонреден самит во Загреб, Република Хрватска, во 2015 година, во Сараево, Босна и Херцеговина, во 2016 година и во Брдо кај Крањ, Република Словенија, во 2017 година, а на кои редовно учествува претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
На состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, кој ќе се одржи во хотелот „Александар палас“ во Скопје, се акредитирани 156 претставници на медиумите, 116 од Република Македонија и 40 од странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

