Македонија
Ѓорѓиевски: Картелот на власт на чело со Заев влезе и во милионскиот бизнис со марихуана

Криминалниот картел на власт на чело со Зоран Заев, откако ја презеде власта континуирано го зголемува своето богатство. Зоран Заев потврди дека неговата фамилија, преку братучедот Трајче Заев, влезе во милионскиот бизнис со марихуана. Ова е второ големо проширување на бизнисите на Заеви, откако Зоран Заев е премиер. Имено по стапувањето на функција на Заев, фирмите на Заеви го преземаа струмичкиот конфекциски гигант, Герас Цунев со деловни простории над 1.800 м2, по цена од една гарсоњера или само за 20.000 евра. Доколку тука нема конфликт на интереси, тогаш до крај на мандатот половина Македонија ќе стане сопственост на неговиот клан, изјави денеска Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, јавноста има право да знае за колку е зголемен капиталот на Заеви и нивните фирми, откако Зоран Заев е премиер. „Вториот човек на картелот, Кочо Анѓушев, во чекор ги следи постапките од својот шеф. Со самото стапување на функцијата вицепремиер, фирмите на Анѓушев почнаа да нижат државни тендери. Па така Фероинвест на Анѓушев, доби тендер вреден 2.6 милиони евра, од АД ЕЛЕМ, а Владата на седница изгласа ослободување од царина за јонско литуимски батерии, кои добро знаеме дека единствено ги користи само фирма на Кочо Анѓушев. Деновиве јавноста беше сведок на уште една зделка на Кочо Анѓушев. Во екот на преговорите околу спорот за името, Анѓушев си доби на сметка 5 милиони евра oд соседна Грција. Тој си ја реализираше продажбата на неговата ЕДС, на грчкото електростопанство за 4.8 милиони евра. Пред да се реализира зделката, Анѓушев лицитираше со неколку можни додавки за името на државата, како, Горна, Северна, Вардарска, кои според неговите зборови за него лично се прифатливи. Ваквиот настап се поклопи со информацијата дека неговата фирма е предмет на интерес за грчкото електростопанство“, додаде Ѓорѓиевски.
Според него, „картелот ја има заробено државата и ја користи за свои лични лукративни потреби. Целата држава, државниот апарат и државните средства се ставени во полза на картелот. Додека стандардот на граѓаните се влошува и се живее далеку полошо од пред една година, Заев, Анѓушев и врхушката околу нив, преку нивните семејни фирми влегуваат во милионски бизниси“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Свадба во струмичкиот затвор – осуденик го кажа судбоносното „да“

Во струмичкиот затвор денес се одржа невообичаен, но длабоко хуман чин – законска регистрација на брак на осудено лице кое моментално ја издржува затворската казна.
Настанот се реализира под покровителство на директорот на установата, Зоран Ристов, и заменик-директорката, Наташа Лазарова Донева, како дел од заложбите за почитување на човековите права и обезбедување правна сигурност за сите, без исклучок, соопшти Управата за извршување санкции.
Со оваа регистрација, лицето се стекна со правен идентитет – важен предуслов за пристап до здравствена, образовна и социјална заштита, но и чекор напред кон успешна ресоцијализација.
Од Управата додаваат дека ваквиот чин е резултат на добра координација меѓу затворската управа, стручните служби и релевантните институции, и покажува дека и во пенитенцијарниот систем постои волја за хуманост, инклузивност и правичност.
Македонија
Нов ЕХО апарат на гинекологија во Чаир за побрза и попрецизна дијагностика

Специјалната болница за гинекологија „Мајка Треза“ во Чаир доби нов ЕХО апарат, со кој значително се подобрува дијагностиката кај бремените жени и пациентките со гинеколошки проблеми.
Апаратот, вреден над 3,5 милиони денари, е обезбеден со поддршка од АД МЕПСО, која донираше над 2,7 милиони денари, како и со сопствени средства на болницата во износ од 800 илјади денари.
„Со новата апаратура ја зајакнуваме грижата за здравјето на жените, токму таму каде што е најпотребно. Зад секој апарат стои грижата за секоја жена, за секоја бремена мајка, за секој нов живот“, изјави министерот Азир Алиу за време на денешната посета на установата, придружуван од директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Оваа инвестиција претставува чекор кон унапредување на квалитетот на здравствените услуги и грижата за женското здравје.
Македонија
Со метален предмет го убил брата си, па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.