Македонија
(Видео) Првомајски протест против извршителите

Почнува класната борба и грѓаните го креваат гласот против извршителите, беше кажано на првомајскиот протест кој започна пред зградата на МТВ и Основниот суд, а според најавите ќе продолжи кон Собрание, Министерство за правда и ќе заврши пред Владата. На протесниот марш од големи звучници поставени на возило одекнуваат звуци на борбени и револуционерни песни.
Овој протест кој најпрво беше најавен на социјалните мрежи, доби поддршка од Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, здружението „Гласен текстилец“ и здружението „Но пасаран“.
Ана Глигорова, од организацијата на протестот, изјави дека бараат одблокирање на сметките на преку 50.000 граѓани, вистинско прилагодување на законот на извршителите на потребите на граѓаните и враќање на нотарите и извршителите во рамки на судовите.
Инаку, денеска во главниот град се одржуваат четири паралелни првомајски протести. Покрај протестот за извршители, протестни маршеви организираат и Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и партијата „Левица“.
Марјан Ристевски, претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации, рече дека тоа што има четири различни протести е позитивен сигнал бидејќи во иднина е можно обединување на сите организации и здруженија кои бараат права за работниците и граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Само 26 проценти реализација на капитални инвестиции, власта е тотално неспособна, велат од СДСМ

Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ во првите 6 месеци има катастрофални 26 проценти реализација на капиталните инвестиции.
Ова не е само катастрофална бројка. Ова е показател, доказ за целосна институционална неспособност на Владата и промашени економски политики, истакна на прес-конференција Јовица Јанковиќ, од СДСМ.
Според него, со ваква мизерна реализација, Македонија не може да напредува.
„Во споредба со истиот квартал од минатите години, реализацијата на капиталните инвестиции во првите шест месеци од оваа година е преполовена.
Во времето на СДСМ, во истиот период од 2023 и 2024 година, реализацијата изнесуваше над 60%.
Со ВМРО-ДПМНЕ имаме огромен пад, кој со себе повлекува последици по целата економија затоа што капиталните инвестиции се едни од најважните алатки за економски раст“.
Дополнително, како што вели, загрижувачки е што парите со кои власта се задолжува не се ефектутуираат за проекти, туку се трошат ненаменски за покривање буџетски дупки.
„Со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски македонската економија тоне, граѓаните имаат се помалку пари, животниот стандард опаѓа а сиромаштијата се зголемува.
Министерката Димитриеска-Кочоска во март очајно ја правдаше катастрофалната реализација со „студеното време во јануари и февруари“.
Сега е август – топло е, дали повторно температурите се виновни? Или конечно ќе признае дека потфрли владата затоа што е неспособна“, праша тој.
Македонија
„Борис Трајковски“ под лупа на ревизорите: аквапаркот под клуч, паркингот не заработува, а поддршката за самитот на ОБСЕ недокументирана

Државниот завод за ревизија го објави извештајот за работењето на салата „Борис Трајковски“ за 2023 година. Во извештајот е наведено дека друштвото остварило приходи од закупнина во износ од 10,9 милиони денари преку 24 активни договори, но кај повеќето договори цените се намалени или останале непроменети во однос на почетните.
Во 2023 година приходите од продажба на добра и услуги изнесувале 48,8 милиони денари, што е намалување од 3 проценти во споредба со претходната година, а за 2024 година се очекува зголемување на приходите за 13 отсто.
Приходите од користење на разните објекти, како пливачки базен, лизгалиште, мала сала, кугларница, конгресна сала и пинг понг-центар, бележат пораст, а аквапаркот има пад на приходите и во 2024 година е затворен поради економска неплатливост и истекување на гарантниот рок на опремата.
Во извештајот е посочена и неизвесноста за функционирањето на соларниот систем, кој бил набавен за загревање на пливачкиот базен, поради технички недостатоци.
Исто така, друштвото не остварува приходи од стопанисување со паркингот, иако има стекнато право на користење.
Во рамките на претседавањето со ОБСЕ во спортскиот центар, друштвото обезбедило логистичка поддршка на Министерството за надворешни работи, но ревизорите укажуваат дека не се доставени записи за изведените работи и инсталации и тие сѐ уште не се ставени во владение на друштвото.
Ревизорите констатирале и други неправилности, како слабости во работењето со готовината, начинот на евидентирање на резервите суровини и материјали, нецелосно извршен попис, непропишани прецизни надлежностите за надзорниот одбор, слабости во актот за систематизација и актите со кои се уредува начинот на пресметка на платите.
Наведените состојби, неправилности и неусогласености од разна природа влијаат на изразување на мислењето со резерва за реалноста и за објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Се забележува и дека долгот од над 260 милиони денари кон Град Скопје за изградба на салата, направен во 2011 година, бил отплатен дури во периодот 2019 – 2023 година. Друштвото работело со загуба, а средствата биле обезбедени од државниот буџет.
За надминување на констатираните недостатоци, дадени се препораки до надлежните органи.
Македонија
Потпишан нов колективен договор, 20 проценти покачување на платите за вработените во јавните установи за социјална заштита

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните на Република Македонија (УПОЗ), претставуван од претседателот Трпе Деаноски, како и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), претставуван од претседателот Јаким Неделков, од другата страна, денес официјално го потпишаа колективниот договор за вработените во јавните установи за социјална заштита.
„Со овој колективен договор се овозможува зголемување на платите за 20 % за сите вработени, вклучително и за директорите на јавните установи за социјална заштита, што претставува значаен чекор кон подобрување на нивниот материјален статус и мотивација за професионално извршување на одговорните задачи.
Покрај финансиските бенефиции, договорот ги унапредува и правата од работен однос, ги засилува механизмите за заштита на работниците и го продлабочува социјалниот дијалог меѓу Владата и синдикатите.
Ова е признание за трудот, посветеноста и за хуманата мисија на сите вработени во системот на социјална заштита. Верувам дека со подобри услови за работа ќе обезбедиме и подобри услуги за граѓаните“, истакна Лимани по потпишувањето.