Македонија
(Видео) Сакам овие денови да привршуваме со реконструкцијата, вели Заев

Ниту една политичка партија не ја блокира реконструкцијата на Владата, вели премиерот Заев, според кого, сите сакаат соработка. Премиерот потврди дека вчера имал средба со двете крила на БЕСА и ДПА предводена од Мендух Тачи.
„Денеска ќе има дополнителна комуникација. Сакам овие денови да привршуваме со оваа тема. Сите се со очекување на предлозите кои произлегуваат од мене, како премиер. Согласно тоа, потоа ќе се изјаснат и политичките партии. Ако успееме да ги номинираме самите предлози за преземање на одговорноста во одредени ресори, јавни институции и слично, на политичките партии ќе им требаат неколку денови да донесат одлуки на свои органи и тела. Се надевам дека ако не со сите партии, со дел од партиите ќе успееме. Немаме опструкции од никој“, рече Заев.
Тој вели дека генерално позитивни се ставовите на коалиционите партнери во Владата, а целта е зголемување на парламентарното мнозинство.
Во однос на средбите меѓу Димитров и Коѕијас, премиерот Заев вели дека секоја средба е нова креативност во функција на доближување на разликите кои ги има меѓу Македонија и Грција.
„Некогаш тоа е со големи, некогаш со микро чекори за отстранување на разликите кои постојат. Се надевам дека секогаш со секоја средба, ќе се помогне во тој правец“, вели Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.