Македонија
Нов обид да почне судењето за изборни измами во „Титаник“

Во кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за предметот „Титаник“ на СЈО. Петходното рочиште беше одложено поради отсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска, но и поради фактот дека до судот не пристигна одговор на барањето на адвокатот Еленко Миланов за изземање на судискиот совет.
Адвокатот Миланов побара да бидат изземени судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев од овој предмет бидејќи, како што кажа, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева изјавила во интервју дека некои од судиите биле прислушувани или ги имало во бомбите.
Адвокатката на Јанкулоска, Сања Алексиќ, на минатото рочиште рече дека по дополнителната контрола на лекар ќе знае дали на нејзината клиентка ќе ѝ биде продолжено боледувањето.
Во „Титаник“ обвинет е поранешниот врв на ВМРО-ДПМНЕ почнувајќи од експремиерот Никола Груевски, потоа Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се обвинети од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Во тек се обуки за наставниот кадар за развивање на вредносниот систем и моралните норми кај младите генерации

Од денеска, па сѐ до среда, во просториите на Младинскиот центар „Матично“ се одржува серија обуки на тема „Улогата на наставниците и стручните соработници во пренесување на вредностите и моралните норми кај младите“.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека обуките се наменети за директорите на основните и средните училишта, еден стручен соработник од секое училиште, како и избрани наставници кои активно се вклучени во воспитно-образовниот процес.
„Предавачи на обуките се искусните професорки Татјана Стојаноска Иванова, Анета Бараковска, Калина Сотироска Иваноска и Софија Георгиева од Институтот „Европски соѕвездија“, кои ќе пренесат современи методологии и практики за развивање на вредносниот систем и моралните норми кај младите генерации. Како општина, редовно организираме вакви обуки со цел да обезбедиме континуирана поддршка на младите и да го унапредиме воспитно-образовниот процес. Инвестирањето во едукацијата на наставниците и стручните соработници е вложување во иднината на нашите деца. Со вакви активности градиме здрави генерации кои ги почитуваат вистинските вредности“, вели Герасимовски.
Македонија
Во Кичево, поставен првиот млекомат за свежо млеко во државата

Во центарот на Кичево денеска официјално беше ставен во употреба првиот млекомат за свежо млеко во Македонија.
Жителите на Кичево и околината имаат модерен пристап до свежо кравјо млеко произведено од Земјоделската задруга „Крнино“ составена од членови од Манастирот „Св. Богородица Пречиста“.
Млекоматот е обезбеден со средства од Европската Унија преку проектот АгроСмарт, спроведуван од МРФП – Македонската развојна фондација за претпријатија, Хемера и ЦЕП Можности.
„Млекото што се нуди преку млекоматот е свежо, со зачувани природни хранливи својства, без додатоци и конзерванси и во контролирани хигиенски и температурни услови, а освен млеко, потрошувачите имаат можност да си купат и сирење“, рече Станоја Станојовски од Манастирот „Света Богородица Пречиста“, која е дел од Земјоделската задруга Крнино.
„Млекоматот е пример како треба да се одвива модернизацијата на македонските фарми и да се осовременува продажбата на локалните земјоделски производи со достапните средства од Европската Унија“, рече Лазар Неданоски од Македонската развојна фондација за претпријатија, која го спроведува проектот АгроСмарт, финансиран од ЕУ.
На настанот присуствуваше и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој рече дека модернизацијата на земјоделството е во фокусот и на политиките и програмите на Министерството.
Дел од промоцијата беше и посета на фармата со крави во близина на манастирот „Света Богородица Пречиста“, каде е инсталирана линија за молзење крави и млекарата за производство на млечни производи.
Македонија
„Мицкоски му дели задачи на Орце како што ѝ делеше и на Арсовска“, велат од СДСМ

„Христијан Мицкоски повторно сака да биде во улога на шпицен градоначалник и им дели задачи на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат на Орце Ѓорѓиевски, исто како што беше случајот со Данела Арсовска“, велат од СДСМ.
„Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски највуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство.
Но, се скраа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос.
Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи тоа, целосно игнорирање на интересите на граѓаните. Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните.
Денеска ја гледаме истата шема. Со Мицкоски и Ѓорѓиевски скопјани може да очекуваат нови разочарувања, нов хаос и нови бизнис-договори на грбот на граѓаните.
Скопје заслужува повеќе. Скопјани очекуваат решенија, искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град со градоначалник што ќе работи со визија и план, а не нова Арсовска по диктат на Мицкоски“, соопшти СДСМ.