Македонија
(Видео) Жената треба да биде дел од одлучувачките процеси во државата, порача Спасовски
Прашањето на родовата еднаквост, поставено од аспект на неговата оправданост, е одамна веќе одговорено и никој од нас нема дилема или сомнеж каде е местото на жената во сите општествени текови и дали таа треба да биде дел од одлучувачките процеси во државата, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на трибината на тема „Жените во безбедносните служби“ во организација на Советот на Македонскиот полициски синдикат за МВР, што денеска се одржа во Центарот за обука на МВР. Трибината се организира како дел од одбележувањето на 7 Мај“, Денот на македонската полиција.
„Ја имате мојата поддршка за секој проект и за секоја иницијатива што ќе ја зајакне довербата на граѓаните во нашето Министерство, но истовремено позитивно ќе влијае и на условите за работа во Министерството. Уверен сум дека ваквиот облик на дебати е еден од навистина корисните инструменти што ни стојат на располагање во систематското и целосно имплементирање на концептот на родова или полова еднаквост, чии вредности и валоризација се во интерес не само на институциите туку на општеството во целина“, рече министерот Спасовски.
Државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, рече дека искуството покажува оти образованието, знаењето и вештините се пресудни за една личност да биде компатибилна за одредена професија и работно место.
„Самодовербата да се борите да напредувате, да преземете одговорност за тешки општествени и државни обврски, се стекнува тогаш и само тогаш кога сте убедени дека вашето знаење и вашите вештини ќе излезат на површина побрзо и повидливо од вашиот пол. Ве повикувам да бидете упорни во своето образовно и професионално надградување, како и во докажување на вашата способност зашто безбедноста и мирот во светот и во нашата држава се премногу скапи за да можеме да си дозволиме да бидат раководени од кадровски решенија што се базирани на стереотипи што одамна ги прегазило времето“, рече Несторовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.
Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.

