Македонија
(Видео) Жителите на Аеродром не веруваат во градоначалникот Марин
Нова сеча во општина Аеродром ги вознемири жителите, кои велат дека повеќе не веруваат во градоначалникот Марин. Поради изградба на нови објекти, во општината се уништува зеленилото, што е спротивно на ветувањата на новиот градоначалник Златко Марин, кој тврдеше дека Аеродром ќе има нова парк-шума, чист воздух и ќе стави крај на градежната мафија.
„Направивме вистинска граѓанска програма, во неа нудиме конкретни решенија за борба против загадувањето, мерки за контролирање на градежниот и сообраќајниот метеж, ќе направиме ревизија на постојните ДУП-ови, ќе спроведеме гасификација до јавните објекти и топлификација до индивидуалните домувања, ќе овозможиме субвенции за еколошки огрев и ќе посадиме вистинска парк-шума“, ветуваше Марин пред изборите.
Наспроти сето ова, се случува сосема спротивното. Градежниот хаос продолжува, а граѓаните излегуваат на протести и бараат итно стопирање на градбите. Жителите тврдат дека Марин не е заинтересиран за ништо. Ветеното ревидирање на ДУП-овите остана само предизборно ветување. Граѓаните на општината се категорични дека Марин ги довршува проектите на својот претходник Коневски, а уништувањето на зеленилото и новите градби е еколошка катастрофа што тој ја поддржува.
„Ова е ужас, првин не може да се гради, па ќе се гради. Стариот градоначалник направи некои документи, овој ги доврши. Не го интересира ништо. Кога и да се јавиме на ‘Фејсбук’ да го прашаме што и како се случува, тој вели дека не го интересира и дека е приватен имот. Ова е ужас. Немам очекувања, сето ова е голема лага. Апсолутно не верувам во новиот градоначалник. Овој простор плачеше за паркче, за детско игралиште. Нека има и објект, ама овој е ужасно голем, се зборува дека ќе има 270 стана. Овој дел требаше да се уреди на сосема друг начин, но што е тоа е“, вели жител на општина Аеродром.
„Би требало да ги стопира градбите, но јас не верувам во никого. Најголемата штета е што е пренатрупано со градби, нема воздух. Најпотребно е зеленило“, додава жителка на општината.
„Мислам дека треба да се стопираат сите градби, дека градоначалникот ќе ги стопира. Човекот е нов, не го познаваме доволно, но гласот го дадовме за него. Лично јас. Првпат на овие избори го дадов гласот за оваа партија. Јас мислам дека тоа што ни го ветил не би требало да го излаже. Наредниот пат нема молење“, вели друг граѓанин. (00039)
„Многу е густо населено. Не знам што мислат општинарите и зошто градат толку густо. Не верувам дека Марин ќе стави крај на оваа градежна експанзија“, вели граѓанин на оваа општина.
Првиот човек на Аеродром, Златко Марин, додека беше во опозиција, го обвинуваше ексградоначалникот Коневски дека ја игнорира волјата на граѓаните, а сега тоа и нему му го порачуваат жителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.

