Македонија
Чистење на Охрид во пресрет на туристичката сезона

Во пресрет на главната туристичка сезона, во текот на мај и почетокот на јуни, со многубројни акции, ќе се чисти Охрид, но и пошироката околина и околните планини.
Активностите ќе започнат утре кога ќе се спроведе акција за генерално чистење делови од подрачјето на општина Охрид. Во неа ќе учествуваат охридските јавни претпријатија и општинската администрација. Предвидено е чистење на магистралниот пат Охрид-Св.Наум, на потегот до населбата Св. Стефан, плажата од Горица III до детското одморалиште, скалите и Спомен-паркот на револуцијата, како и поширокиот потег на улицата Јордан Мијалков, потегот од улицата Никола Карев до булеварот Туристичка, како и делот од реката Грашница до хотелот „Мизо“ и целиот простор околу ОУ „Св. Климент Охридски“.
Во текот на мај ќе започнат и активностите во рамките на проектот „Еко Галичица 2018“. Ќе се лоцираат дивите депонии околу населените места на Галичица затоа што на овој потег состојбата на ова поле е загрижувачка. Кон средината на овој месец предвидени се планинарски и велосипедски екопатроли по означени патеки низ Галичица по што ќе се пристапи кон нивно чистење сè со цел да се пречекаат подготвени љубителите на планините и авантуристичкиот туризам, кој е во сериозен подем во последно време.
Како заокружување на акциите, а во насока на подигнување на свеста, особено кај најмладите за значењето на чистата околина, во организација на „Супер радио“ ќе се одржи голема акција за чистење „Мој Охрид, чист Охрид“ на почетокот на јуни. Носечка сила на оваа акција ќе бидат учениците од сите охридски основни и средни училишта, кои ќе спроведат акција за комплетно чистење на централниот дел на градот, со акцент на плажите, кои се најпосетени во текот на летните месеци. Во акцијата ќе учествуваат и граѓаните на Охрид, многубројни претпријатија, спортски и екоорганизации и претставници од дипломатскиот кор во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекршочни постапки за ТВ 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк

Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за поведување прекршочни постапки на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025.
„Спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М на 18 октомври, првиот ден од изборниот молк, емитуваше реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17.10.2025, реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите.
ТВ Шутел на 18 и 19 октомври за време на двата дена од изборниот молк, емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари“, соопштија од Агенцијата.
Македонија
(Видео) Уапсени две лица од Крушево за поткуп при избори и гласање

Две лица се уапсени, а пет се повикани на разговор во полиција во врска со кривично дело поткуп при избори и гласање, соопшти МВР.
Во 09:00 часот на улица „Дабничка“ во Прилеп, полициски службеници од ОВР Прилеп, во врска со кривично дело „поткуп при избори и гласање“, ги лишија од слобода Б.Х.(72) и Д.С.(36), двајцата од Крушево. Во врска со истиот настан, во Полициската станица Прилеп повикани се С.А.(28), М.А.(31), Ш.А.(40), Д.А.(22) и Џ.А.(36) од Крушево, со престој во Прилеп. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Исто така, регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
Генерално, од МВР велат дека локалните избори се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава.
Од таму велат дека се преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес и дека до сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонски броеви 192 или 112.
Македонија
(Видео) До 13 часот гласале 20,12 отсто од избирачите

До 13 часот од добиени информации од 3.207 избирачки места од 1. 666. 298 запишани гласачи, гласале 335.244 или 20,12 отсто од избирачите, соопшти Државната изборна комисија.
Најголема излезеност има во Богданци, Вевчани, Градско, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Кратово, Крива Паланка, Лозово, Новаци, Ранковци и Чашка.
Најмала излезеност досега има во Босилово, Врапчиште, Гази Баба, Гостивар, Дебар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Пласница, Радовиш, Струга и Шуто Оризари.
До 13 часот во Град Скопје гласале 20,07 отсто од избирачите. За споредба, на локалните избори во 2021 до 13 часот гласале 20, 76 отсто од гласачите.
До моментот на одржување на прес- конференцијата, до ДИК нема никакви дојави за неправилности и нерегуларности.