Македонија
(Видео) Спасовски и Заев на состанок на Европските полициски синдикати
Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска го отворија состанокот на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати. На отворањето на состанокот се обратија и Андреас Симеоу, претседател на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати, како и Ацо Антовски, претседател на Македонскиот полициски синдикат.
Сите говорници на денешниот состанок се согласија дека синдикалните организации се нужни во секое општество и дека нивната улога е клучна при поставувањето норми и вредности во сферата на работничките права. Нагласувајќи дека синдикатите силно и неуморно се борат за правата на работниците, премиерот Заев рече дека ги поддржува сите заложби на синдикалните организации бидејќи во одредена мера тие се коректори на власта во сегментот на работнички права.
„Затоа, Власта е отворена за дијалог со синдикатите. Крајна цел на работодавачите и државата од една страна и на синдикатите од друга е подобрување на условите за работа на сите работници. Тоа може да се постигне само со дијалог во кој сите имаат иста цел, а тоа е благосостојбата на работникот. Со еднострани одлуки, само едната страна ќе биде задоволна. А тоа секако сите знаеме дека не е добро. Никој нема корист, а најмалку општеството, од незадоволен службеник, од незадоволен работник или од незадоволен работодавач“, рече Заев.
Тој посочи дека откако е формирана оваа влада, таа го слуша гласот на граѓаните. Во исто време, тој истакна дека од овој принцип нема никој да биде исклучок. „Пред македонскиот полициски синдикат и неговото раководство секојдневно стојат проблемите и отворените прашања на речиси осум илјади полициски службеници. Но, решението на тие прашања е и наша обврска. Полициските службеници секојдневно се судруваат со сторители на кривични, на прекршочни, а многу често и на тешки дела. Затоа мора да гарантираме дека по завршување на работното време, тие ќе се вратат дома кај своите најблиски спокојни и безбедни. А утредента ќе се вратат на работните места и ќе ги заштитат сите граѓани, сите нас, децата, младите, возрасните, пензионерите – целото општество“, додаде Заев.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од своја страна истакна дека е оправдана потребата за постојано афирмирање и надградување на синдикалното организирање и работење. „Раководството на Министерството ја пружа својата целосна и безрезервна поддршка за развојот на синдикализмот трудејќи се да ја интензивира неопходната социјална соработка и партнерство со синдикатот, која отвора нови перспективи и можности за конкретни и поквалитетни договарања и решенија. А сè со една цел: подобрување на професионалниот, социјалниот, економски статус на сите вработени во нашата институција“, истакна Спасовски.
Тој на македонскиот полициски синдикат му порача да ги употреби сите инструменти со кои ќе ги заштити и ќе ги унапреди правата на своите членови. „Од заеднички интерес е да ја реафирмираме полицијата во вистински сервис на граѓаните“, истакна министерот Спасовски и додаде: „На тој пат мораме постојано да соработуваме дефинирајќи ги и имплементирајќи ги заедничките интереси и цели. Како во поглед на процесот на натамошно усогласување на платите на вработените во МВР со сродните институции во државата, но и со оние од регионот, така и во поглед на севкупните реформски зафати пред коишто е исправено Министерството како институција“.
Од Македонскиот полициски синдикат истакнаа дека се надеваат дека ќе продолжи социјалниот дијалог со Владата со цел уште повеќе да се подобрат условите за работа на полициските службеници.
Претседателот на Извршниот комитет на Советот на Европските полициски синдикати, Андреа Симеоу, истакна дека полицијата е многу голем и важен дел од општеството бидејќи нејзината примарна задача е заштита на граѓаните. Тој на Заев му порача да го продолжи добриот дијалог и да продолжи да гради заедничка почит и соработка со земјите од Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

