Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов молчи за пренесување на струшката депонија во Скопје

На Скопје му претстои еколошка катастрофа, а градоначалникот Петре Шилегов ја замајува јавноста со периферни теми. Јавното Претпријатие Дрисла договори, а Градот Скопје воден од Шилегов молчи за пренесување на Струшката депонија во Скопје, обвини ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека 200 илјади тони отпад во распаѓање ќе биде пренесуван низ скопските улици и општини со цел да се транспортира во општината Студеничани каде се наоѓа скопската депонија Дрисла.
„Шилегов наместо метропола од Скопје прави главна депонија во државата. Струшката депонија под претпоставка да е стара десетина години значи дека се работи за околу 200 илјади тони отпад. Дополнително во Дрисла се слеваат 150 илјади тони отпад годишно од подрачјето на Скопје и 35 илјади тони отпад од Тетово. Ова е премногу за градот Скопје, под закана се сите општини под градот Скопје“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека Петре Шилегов без заобиколување треба да понесе одговорност и да реагира пред да биде предоцна и пред да се случи еколошка катастрофа.
„Треба да одговори на прашањата: дали е спремен да превземе одговорност доколу се случи да има појава на заразни болести, чии бизнис и политички интереси седат зад ваквата операција, дали се работи за политички пазар меѓу коалционите партнери на власт, што е со средствата со кој владата се фалеше дека ќе ја решава струшката депонија, дали бизнисот е повреден од човечкото здравје, и дали вака Шилегов ќе се бори за почист воздух за скопјани? Според акцискиот план за управување со отпад треба да се направат депонии во секој од осумте плански региони, а не цела Македонија отпадот да го носи во Дрисла“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Европскиот суд на ревизори ја почна мисијата во земјата со средба со министерот Муртезани

Министерот за европски прашања и национален координатор за ИПА (NIPAC), Орхан Муртезани, утрово оствари средба со претставниците на Европскиот суд на ревизори, Бертран Танги и Ерик Котларик, во рамки на нивната ревизорска мисија за успешноста на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Во фокусот на дискусиите беше координацијата во транспортниот сектор во рамки на WBIF, како и поширокиот институционален и оперативен контекст за имплементација на проектите поддржани преку овој инструмент. Министерот Муртезани го истакна значењето на WBIF како стратешки механизам кој овозможува инвестирање во клучни сектори како што се транспортот, енергијата, животната средина, здравството и образованието, но и како алатка што ќе овозможи користење на средствата што ЕУ ќе ги додели по спроведувањето на реформите во рамки на Реформска агенда 2024-2027 и Инструментот за раст и реформи, известува Министерството за европски прашања.
Во разговорите беше потенцирана потребата од натамошно поедноставување на процедурите, зголемување на транспарентноста и јасноста во однос на улогите на меѓународните финансиски институции, како и зајакнување на капацитетите на НИПАК канцеларијата, особено во делот на мониторингот и координацијата. Исто така, беше посочено дека за успешно искористување на достапните средства до крајот на 2027 година, од суштинско значење ќе биде навремената подготвеност на проектите и нивното усогласување со реформските приоритети.
Министерот Муртезани ја потврди заложбата на Владата за ефективно управување со инвестициите поддржани од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан, кој е заедничка иницијатива на Европската комисија, билатерални донатори и меѓународни финансиски институции. Тој потенцираше дека Северна Македонија останува конструктивен партнер во процесите на регионална соработка и европска интеграција, со посветеност кон создавање предвидлива и стратешка рамка за користење на фондовите од ЕУ.
Средбата со министерот за европски прашања и национален координатор за ИПА (NIPAC), Орхан Муртезани, е прва во низата состаноци што ревизорскиот тим ќе ги реализира неделава, со надлежните институции во текот на својата мисија во земјата, се додава во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Тирана на самитот на шефови на држави и влади на земјите од ПСЈИЕ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Тирана, Албанија каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Таа ќе се обрати на пленарната сесија на тема: „Поттикнување на стабилноста и просперитетот преку регионална соработка и интеграција во ЕУ“, како и на заедничката прес-конференција со албанскиот и со бугарскиот претседател, Бајрам Бегај и Румен Радев, во својство на претседатели на државите коишто се претходен, актуелен и иден претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Домаќин на Самитот е албанскиот претседател Бајрам Бегај. Покрај македонската претседателка Сиљановска-Давкова, предвидено е да учествуваат: претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар; претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ; претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу; претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ; претседателот на Бугарија, Румен Радев; претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут, како и заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Молдавија, Михаи Попсои.
На Самитот ќе учествуваат и министрите за надворешни работи: на Турција, Хакан Фидан, на Грција, Јоргос Герапетритис; на Романија, Емилиан Хоратиу Хурезеану; државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, Фрањо Матушиќ; генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато.
Во рамки на работната посета на Албанија, Сиљановска-Давкова во Тирана ќе оствари средба со претставници на македонското национално малцинство во Албанија, на Македонската алијанса за европска интеграција, на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како и со македонски дипломати и професори.
Македонија
Ѓорѓиевски: Бесплатно летување за најуспешните спортисти

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски извести дека и оваа година продолжуваат со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување, како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот.
„Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид.
Се работи за прваците за учебна 2024/2025 во:
ракомет – жени ООУ ,,Кузман Шапкарев”;
ракомет – мажи ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”;
кошарка ООУ ,,Кузман Ј. Питу”;
одбојка ООУ ,,Партенија Зографски”
фудбал ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”
Спортот ги подобрува физичкото и менталното здравје на децата, но создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со обезбедување бесплатно летување не само што ги наградуваме нивниот труд и посветеност, туку и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата.
Ова е дел од нашата стратегија за поддршка на младите и како општина ќе продолжиме со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и негов развој во нашите училишта“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.