Топ
(Видео) Незадоволство во „Алфа ТВ“, новинарите одбиваат да ги потпишат новите договори
Незадоволство владее кај вработените во националната телевизија „Алфа ТВ“ , откако раководството на телевизија одлучи да направи промена во нивните договори. Менаџментот им доставил на вработените да потпишат договори со кои се согласуваат неопределеното работно време да им биде заменето со договори за определено работно време, во период од три месеци.
„Заради максимална искористеност на капацитетите и подобрување на работниот процес и медиумски услуги во „Алфа ТВ“ ДООЕЛ Скопје, на сите работници вработени во телевизијата на неопределено работно време им се трансформира работниот однос од неопределено време во определено, со времетраење од 3 месеци, сметано од денот на потпишување на новите договори за вработување, стои во одлуката потпишана од новоименуваниот управител на Телевизијата“, Васко Ефтов.

Синдикалниот претставник на вработените од „Алфа ТВ“, Сашо Мисајловски, рече дека е напната и непријатна моменталната ситуација во телевизијата по што истакна дека ќе биде побарана средба со менаџментот и доколку не биде повлечена одлуката, целата ситуација ќе се радикализира.
„Напнато е и не е баш пријатно. Поединечни договори сè уште не се направени, ќе преговараме со менаџментот, но доколку не се најде никаква солуција, ситуацијата ќе се радикализира и ќе следи состанок со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на кој ќе се одлучува што понатаму“, вели Мисајловски.
Тој рече дека веќе остварил една средба со новиот управител на Алфа, Васко Ефтов, на која тој му кажал дека проблемот всушност го наследил, односно оваа одлука била донесена и пред неговото стапување на функција.
„Имав веќе еден разговор со Ефтов, но средбата повеќе беше за запознавање, тој само ми кажа дека проблемот го наследил, односно дека датира уште пред неговото назначување за директор. Денеска тој не е тука, ќе се обидеме да закажеме состанок за некој од наредните денови. Мислам дека политиката на менаџментот не е да ги избрка вработените, туку само да ги држи на краток синџир бидејќи со договор за определено работно време само од менаџментот зависи дали вработениот ќе остане на работа или не“, вели Мисајловски.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е известен за овој случај од страна на вработените во телевизијата.
„Одлуката е незаконска и неоснована, ние го алармиравме трудовиот инспекторат, очекуваме тој да реагира и да ја прогласи за ништовна оваа одлука бидејќи станува збор за потег кој со ништо не е оправдан ниту аргументиран освен со волјата на потписникот на одлуката“, вели претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис и додава дека Синдикатот ќе преземе се што е во нивна моќ за да ја оспорат одлуката.
Во Законот за работни односи член 28-а став 4 се вели дека измени на договорот за вработување можат да бидат извршени само доколку и двете страни се договорат за тоа. „Алфа“ телевизија заедно со „Република“ и „Курир“ неодамна беа во фокусот на вниманието поради промената на сопствеништвото каде се појавуваат лица од Унгарија.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Состојба по обилните дождови во Македонија: пресек на ЦУК до 16 часот
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, информира дека на основа на добиените информации од различни градови и региони, состојбата во повеќето делови на земјата е стабилна и редовна, со слаби до повремени врнежи од дожд и зголемени водостои, но без сериозни нарушувања, додека во некои региони има активности и ангажирање на службите поради зголемени водостои и одрони на патиштата.
Региони со нормални состојби
– Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Полошкиот, Југозападниот, Југоисточниот и Источниот регион имаат стабилна состојба, со слаби или повремени врнежи од дожд, зголемени водостои на реките, но без излевања, поплави или нарушувања во сообраќајот и други сегменти.
Региони со ангажирање и активности
– Тетово (Северозападен регион) – состојбата е стабилна, но врнежите од снег и дожд предизвикале потешкотии на патните правци Тетово–Скопје и Тетово–Гостивар, па барано е од „Македонија пат“ веднаш да интервенира за одржување на коловозот и обезбедување на безбеден сообраќај.
– Штип и Кочани (Источен регион) – има слаби врнежи од дожд и зголемени водостои на реките, но нема поплавување; во општината Кочани на Оризарска река од понеделник продолжува работа на механизација на „Водостопанство“ за спуштање на водостојот и спречување на евентуални проблеми.
Патни правци
– Истибања–Делчево–Граничен премин (Источен регион) – има почести пријави за одрони на камења, па екипи на „Македонија пат“ постојано се на терен и во координација со СВР Штип се регулира одвивањето на сообраќајот, со поставување на контролни точки и временски ограничувања за возилата.
Кичево
Поради повторните врнежи од дожд, водостоите на реките Зајашка и Треска се зголемени, но засега се под нивото на излевање. Критично е кај ул. Прилепска, во населбата претходно најпогодена со околу 125 поплавени објекти.
Екипи на ЈП „Комуналец“ со механизација работат на насипи и проширување на коритото на Зајашка река, како и на чистење на воден канал во населба Иванидол. ПО ДЗС Кичево е на терен и е подготвена за интервенција со вреќи со песок, а фирмата „Инсталација“ расчистува кај училиштето „Санде Штерјоски“ и градинката „Ластовички“.
Состојбата со 125-те поплавени објекти останува непроменета. Евакуирани се 150 лица, сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде ЦК Кичево обезбедува грижа, медицинска контрола и храна.
Регионални патишта во Дебар (Југозападен регион) – има слаби врнежи од дожд, дотокот на Радика е зголемен, но без опасност од излевање; екипи на „Македонија пат“ се на терен и интервенираат на отстранување на евентуални одрони на регионалниот пат Маврово–Дебар и Дебар–Струга, за да се одржи непречено движење на сообраќајот.
Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.

