Македонија
12 обвинети за смртта на Тамара, меѓу нив и поранешните директори на ФЗОМ
Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен предлог против 12 лица за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ од член 353-в став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството постапуваше по предметот оформен по допрен глас, кон кого подоцна беше припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и законскиот застапник на оштетеното дете, сега починатата Тамара Димовска од Велес.
-Во текот на истрагата надлежниот јавен обвинител ја побара и обезбеди целокупната документација поврзана со лекувањето на ова дете и тоа од повеќе институции – Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, Министерството за здравство, Универзитетската клиника за детски болести, ЈЗУ ТОАРИЛ УЦ, ПЗУ „Филип Втори“ – Скопје и Општата болница во Велес. Истовремено, преку Основното обвинителство Велес, кое ја нареди обдукцијата на починатото девојче, беше преземен и секциониот протокол со кој од страна на Институтот за судска медицина се утврдува конкретната причина за смртта на Тамара Димовска, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител во текот на истражната постапка ги испитал членовите на Стручниот колегиум – потписници на предлогот за упатување на лекување во странство, претставник на Фондот за здравствено осигурување, секретарите на комисиите на Фондот (првостепена и второстепена), директорот на ЈЗУ ТОАРИЛ УЦ, како и членовите на првостепената и второстепената комисија, кои одлучувале при донесувањето на негативното мислење за упатување на овој пациент на лекување во странство.
Од Институтот за судска медицина и медицинска деонтологија било побарано да изврши и дополнително вештачење за да се утврди поврзаноста на конкретната причина за смртта кај Тамара Димовска со нејзината општа здравствена состојба. Надлежниот јавен обвинител ја испитал и мајката на сега починатото дете.
-Како резултат на многубројните спроведени истражни дејствија во една темелна и сеопфатна преткривична постапка, беше утврдено дека сега обвинетите пет члена од Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на УК ТОАРИЛ УЦ, велат од Обвинителството и додаваат дека обвинетите предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје.
Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото решение било потврдено и од сега обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор.
Постапувајќи во истиот предмет, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава за две лица за кривичното дело „несовесно работење во службата“ од член 353-в став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и за едно лице кое се товареше за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. За овие три лица беше утврдено дека немале овластувања да одлучуваат и не учествувале во одлучувањето за лекувањето на починатото дете.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

