Регион
Вучиќ ќе биде првиот странски лидер што ќе се сретне со Путин по инаугурацијата

Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе биде првиот странски лидер што ќе го посети Владимир Путин по неговата инаугурација, по четврти пат, како претседател на Русија.
Двајцата претседатели ќе разговараат за можностите за развој на билатералната соработка и ќе ги разменат своите ставови за регионалните прашања.
„Рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ќе биде во работна посета на Москва и ќе учествува во свеченостите по повод на 73-годишнината од победата во Големата патриотска војна. Планирано е да бидат разгледани тековната состојба и можностите за понатамошно развивање на руско-српската соработка, реализацијата на заедничките инвестициски проекти, а исто така да бидат разменети и мислења за актуелните регионални прашања”, соопштија од прес-службата на Кремљ.
Путин и Вучиќ често се среќаваат и разговараат по телефон. Во март Вучиќ му честиташе на својот руски колега за победата на претседателските избори. Во текот на друг телефонски разговор што се одржа неколку дена подоцна, тие разговараа за протерувањето на руските дипломати во повеќе европски земји. Тогаш српскиот претседател истакна дека неговата земја нема да се приклучи кон овие мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.