Македонија
ЗНМ: Граѓанскиот и Апелациониот суд ги дискредитираат онлајн-медиумите
Здружението на новинари на Македонија изрази незадоволство од начинот како граѓанскиот суд и Апелациониот суд во Скопје го применуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Од ЗНМ наведуваат дека и покрај јасната одредба во законот, кој ја регулира одговорноста на електронските публикации, овие судови продолжуваат да ги одбиваат тужбите за клевета и навреда против онлајн-медиумите со крајно несериозно и тенденциозно објаснување дека тие не биле медиуми, а луѓето што работат таму не биле новинари.
„Ваквото паушално, неодговорно и непрофесионално однесување на одредени судии претставува заобиколен обид за лиценцирање медиуми и новинари, која е крајно недемократска практика присутна во авторитарни земји. Потенцираме дека работа на судовите не е да ги толкуваат законите, туку доследно и неселективно да ги применуваат истите“, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
Тој вели дека постои сомнеж дека зад ваквата судска пракса има политичка позадина, која треба да ги дискредитира онлајн-медиумите и да обезбеди лажно алиби на владата за да воведе нивна построга регулација, спротивно на европските стандарди за слобода на интернет.
„Предупредуваме дека обидите на одредени партиски кругови, кои бараат наводна законска регистрација на овие медиуми, е опасна политичка игра, која има за цел државата да ја контролира нивната медиумска содржина. Освен тоа, намерата на судот е да ги спречи онлајн-медиумите и новинарите кои работат таму да ги користат поволностите што ги нуди законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, како што е ограничувањето на надоместоците за нематеријална штета и основите за нивно исклучување од одговорност“, вели Селмани.
Убедени сме, рече тој, дека ваквата чудна судска пракса, која, за среќа, ја нема и во другите апелациски судови во земјата, ја загрозува слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија и улогата на медиумите во едно демократско општество.
„Бараме од Врховниот суд на Македонија во најкраток рок да постапи по барањето на ЗНМ за усогласување на судската пракса и во иднина граѓанскиот суд и скопска Апелација да ги процесуираат предметите. Неделава ќе доставиме претставка и до Судскиот совет за сите судии што несоодветно и селективно го применуваат Законот со цел да утврди одговорност за таквото незаконско однесување“, рече Селмани.
Исто така, ја повика и меѓународната заедница, Европската Унија, САД, ОБСЕ и Советот на Европа да ја споделат со овие судови загриженоста на ЗНМ со цел да се спречи ваквиот атак против слободата на говорот, професионалните онлajн медиуми и обидот за нивно лиценцирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

