Македонија
Движење Беса: Денот на Европа е патоказ кон благосостојба на граѓаните од целиот континент

Движењето Беса преку соопштение се осврна на 9 Мај, Денот на Европа, за кој вели дека е датум што ја истакнува важноста на европската нарација и интеграција, но исто така е и ден на триумфот над фашизмот.
„Целта кон патот на напредокот и светлата перспектива и борбата со екстремизмите и радикализмите се најдобрата лекција што сите жители на Европа, а и самите ние, треба да ја научиме од овој ден. Всушност, овие две точки се комплементарни бидејќи битката со овие феномени е всушност европска доблест, додека интеграцијата е амбиција на сите земји во регионот да станат дел од сојузот на државите од најстариот континент, односно Европската Унија“, се наведува во партиското соопштение.
Од Беса потсетуваат дека како партија остануваат посветени на европскиот пат.
„Постојано истакнуваме и продолжуваме да тврдиме дека интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ ќе биде долгорочно решение за унапредување на демократијата, воспоставување на владеењето на правото и подобрување на економската благосостојба на граѓаните на овој континент“, се вели во соопштението.
Од Беса наведуваат и дека 9 мај ја одбележува и втората годишнина од големиот протест во Скопје, кој се одржа на 9 мај 2016 година, под мотото „Денот Д – правда, достоинство, демократија“. Како што истакнуваат од патијата тоа бил најголемиот албански протест организиран во Скопје преку кој Албанците во Македонија го изразиле нивниот став кон државата и власта во земјата, за која од Беса велат дека и денес не дава задоволителни резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.