Регион
Регионална платформа: Кој и по чија наредба пукаше во Оливера Лакиќ?

Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите која застапува повеќе од 8000 членови, остро го осудува бруталниот напад на новинарката од дневниот весник „Вјeсти“ Оливера Лакиќ, која беше ранета во ногата пред влезот на својот дом.
Според „Вијести“ на 8 мај, Лакиќ рекла дека непознат маж и пришол близу влезот на зградата каде што живее, и ја застрелал во нога. Таа забележаа и двајца други мажи кои бегале од местото на настанот. Куршумот поминал низ нејзината десна нога и Лакиќ е надвор од животна опасност.
Оливера Лакиќ е најчесто напаѓан новинар во Црна Гора. Во март 2012 година таа беше претепана пред влезот на нејзиниот дом, а една година пред тоа доби две закани за серија на написи кои разоткриваат наводно нелегално производство и шверц на цигари. Во 2014 година таа, исто така, доби закани од лица блиски до човекот кој ја нападнал во 2012 година. Властите на Црна Гора, ги осудија повеќето од лицата кои и се закануваа на Лакиќ, но никогаш не истражија до крај кој беше нарачател на овие закани и напади. Дополнително, Лакиќ тврди дека шверцот на цигари не е во целост истражен.
„Иднината на медиумскиот сектор во Црна Гора зависи од разрешницата на овој случај. Доколку тој остане нерасветлен, новинарите треба сериозно да започнат да размислуваат за алтернативни начини за заштита на своите животи и професионален интегритет“, истакна Маријана Чамовиќ, Претседател на Медиумскиот синдикат на Црна Гора, и заклучи дека државата не смее да биде синоним за место каде што куршумите претставуваат закана за слободата на говорот.
Нападот врз Лакиќ е трет по ред од серијата напади и закани против новинари во 2018 година, и десетти од почетокот на 2017 година. Поголемиот број од нападите се уште се нерасчистени. Никој од полицијата и обвинителството нема преземено одговорност. Регионалната платформа ги поздравува осудите на нападот врз Лакиќ од страна на надлежните институции на Црна Гора, но истовремено ги охрабрува да преземат дополнителни мерки и да ги идентификуваат и казнат напаѓачите, но уште поважно да се казнат и нарачателите овој страшен напад. Секој напад врз новинар претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) На детско игралиште во Белград убиен маж

Едно лице беше убиено синоќа во пукотница на булеварот „Вудро Вилсон“ во Белград на вода, објави РТС.
Докторката Виолета Николиќ од Одделот за итни случаи потврди за РТС дека 35-годишен маж бил застрелан синоќа во 23:13 часот.
„Нашиот тим можеше само да заклучи дека 35-годишниот маж е мртов“, рече д-р Николиќ.
На социјалните мрежи се објавени снимки на кои се гледа телото на убиениот маж на детско игралиште и апсењето на друго лице.
фото: принтскрин
Регион
Пицула ја критикува ЕУ за пофалбите што ги дава на Србија: „Наместо тоа, барајте вистински реформи“

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, изјави дека претставниците на ЕУ треба да се воздржат од прекумерно фалење на реформите во Србија, која е потресена од месеци антивладини протести предизвикани од железничката несреќа во Нови Сад пред една година.
Тој се осврна на честите пофалби од Европската комисија, како онаа минатата година кога претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, му се обрати на српскиот претседател Александар Вучиќ со „драг Александар, покажа дека делата ги следат твоите зборови“.
За време на посетата на Белград во среда, наративот малку се смени, при што фон дер Лајен му се обрати на Вучиќ со „Господине претседателе“.
„Апелираме до Комисијата наместо тоа јасно да ја артикулира потребата од вистински и сеопфатни реформи, вклучително и враќање на демократските институции, зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал“, рече Пицула.
Потпретседателката на пратеничката група на С&Д, белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт, која е задолжена за проширување на ЕУ во нејзината група, истакна дека секоја неоправдана пофалба од страна на Комисијата за властите во Србија води до тоа студентите и граѓаните што протестираат на улиците да се чувствуваат предадени.
Европскиот парламент следната недела во Стразбур ќе дебатира за резолуција за растечката репресија во Србија, една година откако се урна настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Трагедијата предизвика месеци протести што Вучиќ ги нарекува „обоена револуција“.
Во изјава за новинарите во Брисел, Пицула рече дека од февруари до септември оваа година имало повеќе од 10.700 протести низ цела Србија, кои биле обележани со репресија врз демонстрантите, произволни апсења и политички мотивирани притворања.
фото: принтскрин
Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести во целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“ владиниот предлог беше изгласан, а левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприспособлив и поефикасен, им овозможува на работодавците во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемуваат флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавецот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници ADEDY порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и на општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулираат продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.