Македонија
Град Скопје: Акцијата за сечење суви дрвја во Карпош следеше по барање на жителите
Град Скопје испрати соопштение преку кое ја информира јавноста дека сечата на дрвјата во Карош 4 била спроведена по барање на жителите и согласно со сите законски постапки.
„Денеска екипите на јавното претпријатие ‘Паркови и зеленило’ извршија акција во населбата Карпош 4, каде што на терен исекоа и извршија кастрење на повеќе дрвја. Истите се отстранети на барање на жителите на околните згради, кои до Секторот за комунални работи на Град Скопје на ден 26.4.2018 година доставија барање за сечење на сувите стебла околу зградата на улица Волгоградска број 1, како и за обновување на зеленилото околу овој објект. Стручните служби на Град Скопје излегоа на терен и извршија увид, каде што констатираа дека станува збор за поголем број дрвја од различни видови, кои се со надмината физиолошка зрелост, со суви и кршливи гранки. Овие дрвја претставуваат опасност за минувачите, паркираните возила и самиот објект и за истите Градот Скопје издаде решение за нивно сечење“, соопшти Град Скопје.


Оттаму велат дека за преостанатите дрвја, кои се со широкоразградени крошни, со своите гранки ја удираат зградата и паркираните возила, причинуваат материјална штета и потенцијална опасност за минувачите, Градот Скопје издаде решение за нивно кастрење.
„Дополнително, сакаме да ја информираме јавноста дека овие дрвја и во минатото предизвикуваа опасност и штета, а пред неколку години поголеми гранки кршејќи се предизвикаа поголема материјална штета на паркираните возила. За овој и сите слични случаи беше поведена судска постапка, и притоа јавното претпријатие ‘Паркови и зеленило’ мораше да исплати средства и да ја надомести нанесената штета“, велат од Град Скопје и додаваат дека како и досега, за секое исечено дрво, на истата локација или во непосредна близина ќе биде засадено ново дрво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

