Свет
Клиника во Истанбул му даде нов живот на бебе од Босна

Бебе од Босна доби нов почеток благодарение на кардиозафат во Турција.
Адијан, кој е стар само 43 дена, роден со конгенитална срцева мана, беше успешно опериран во болница во Истанбул. Врз Адијан беше извршена петчасовна операција на артериите.
Кардиологот Тајар Сариоглу во четвртокот изјави за агенцијата „Анадолија“ дека поради срцевата мана, Адијан имал проблеми со дишењето. Сариоглу додаде дека тимот на кардиолози извршил т.н. свич (анг. switch) на артериите околу срцето на бебето.
„Тој е сега бебе со нормално срце. Ако не го опериравме навреме, ќе умреше. Со ова тој доби нов живот,“ изјави Сариоглу.
Специјалистот рече дека за време на операцијата, неговиот тим го сопрел срцето на Адијан во времетраење од еден и пол час.
Сариоглу додаде дека лекарите во Турција имаат големо искуство со овој тип срцеви зафати затоа што кај нив често доаѓаат пациенти од околните земји на Блискиот Исток, централна Азија, како и од Балканот, Русија, Украина и од Кипар.
Медине Кариман, мајката на бебето, рече дека Адијан е во одлична состојба.
„Им благодарам на докторите што ја извршија операцијата, како и на медицинскиот персонал и сите што неуморно се грижеа за моето дете. Кога ќе порасне, ќе му раскажам за Турција и за грижата што ја доби во оваа болница“, изјави Кариман.
Адијан и мајката во вторникот се вратија во Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стејт департмент: Претседателот е задоволен од прекинот на огнот

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е задоволен од прекинот на огнот меѓу Израел и Иран.
„Мислам дека кога ќе се погледне начинот на кој се одвиваше денот, имаше одредена активност од двете страни, но тоа сега престана и прекинот на огнот е на сила“, рече таа.
„Претседателот е задоволен. Затоа мислам дека можеме да го земеме тоа како показател за неговите чувства во овој момент“, додаде Брус.
Свет
Нетанјаху: Постигнавме историска победа

Постигнавме историска победа, објави во видео порака, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Тој рече дека победата ќе се памети со генерации, додавајќи дека Израел никогаш немал подобар пријател во Белата куќа од Доналд Трамп.
„Елиминиравме две непосредни егзистенцијални закани – нуклеарната закана и заканата од балистички ракети. Доколку не дејствувавме, наскоро ќе се соочевме со опасноста од уништување“, додаде тој.
Свртувајќи го своето внимание кон „иранската оска“, тој рече дека Израел „мора да ја заврши кампањата“.
„Тоа значи поразување на Хамас и враќање дома на сите израелски заложници што остануваат во Газа, мртви или живи“, рече тој.
Свет
Иран објави крај на војната

Иранскиот претседател, Масуд Песекијан, денес објави крај на 12-дневната војна со Израел во порака до нацијата и рече дека не сака да се здобие со нуклеарно оружје, туку да ги реши сите несогласувања на преговарачката маса, објави новинската агенција ИРНА.
„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сме сведоци на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на таа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Песекијан.
Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи да го брани своето легитимно право да развива цивилна нуклеарна програма.
Во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед, Песекијан рече дека „со оглед на нивните односи со САД, тој очекува ОАЕ да им објасни дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде ИРНА.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.
Во неделата, САД извршија невидени напади врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека тоа е право за кое не може да се преговара, додека Вашингтон го смета за „црвена линија“. Иран вчера испука ракети врз американската воена база во Катар.