Македонија
(Видео) Политичко самоубиство е настап на избори без коалиција со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, рече Тито Петковски

Новата социјалдемократска партија на Тито Петковски го одржува четвртиот конгрес со 500 делегати од повеќе градови. Во воведниот говор пред присутните, досегашниот лидер на партијата, кој со неа управува од самиот почеток, односно 13 години, рече дека е политичко самоубиство настапот на избори надвор од двете најголеми политички партии според Донтовиот модел на пресметка на гласовите. „Тој изборен модел објективно ги фаворизира партиите со многубројно членство, а ги релативизира помалите партии, независно од квалитетот на нивната политичка програма и изборна понуда“, рече Петковски пред делегатите.
Лидерот на НСДП се надева дека на следните парламентарни избори ќе го оправдаат нивното постоење на политичката сцена преку, самостоен настап на изборите. Тој пред присутните рече: „Оптимизмот го гледам во евентуалните измени на изборното законодавство, во насока на една изборна единица, отворени листи, и низок праг за влез во Собранието“.
Петковски се надева на измена во изборното законодавство, бидејќи и СДСМ ќе може да се ослободи од несаканите политички партнери и во новите коалиции ќе влегува со чисти сметки. „Не би било во ред само да се построиме зад стожерната партија на коалицијата и церемонијално да изразуваме поддршка и на партијата и на Владата“, рече лидерот на партијата.
Спорот со името за Петковски е тест за политичката зрелост: „Ако 27 години од осамостојувањето не станавме рамноправна членка на меѓународната заедница,уште ли колку години може да издржиме, до иселувањето на последниот Македонец од оваа држава“. Според Петковски, не само за прашањето за името, туку и за други прашања, отсуствува дијалог. Во говорот ги искара членовите на МАНУ, кои како што рече, со ретки исклулоци, го преспале најдраматичниот период од македонската историја, поради страв од „мафијата на власт“, а говореше и за МПЦ дека не се дистанцирала од „криминалната власт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Учениците се оставени без учебници, родителите печатат материјали од Вибер, реагираше СДСМ

Образовниот систем во Македонија ја почна хаотично новата учебна година, откако се покажа дека учениците немаат учебници, иако од ВМРО-ДПМНЕ го ветуваа спротивното.
„Иако во предизборните ветувања беше кажано дека сите ученици ќе добијат нови учебници, вистината е сосема поинаква. Самата министерката Јаневска призна дека учебници нема, иако се потрошени над 11 милиони евра од буџетот на граѓаните“, истакнуваат од СДСМ.
Недостасуваат учебници за математика и историја за 8-мо одделение, а родителите се приморани да печатат материјали од Вибер-групи. Проблемот е уште поголем за стручните училишта, каде што цели генерации немаат учебници по управно, процесно, правно и државно уредување.
„Учебници има само за најмалите ученици, од прво до трето одделение, додека за четврто и петто одделение ситуацијата е катастрофална. Одговорноста за овој хаос е кај министерката Јаневска и премиерот Мицкоски. Тие излажаа и ги изневерија учениците, родителите и наставниците“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ваквите состојби не смеат да се повторуваат и повикуваат на итна интервенција за обезбедување учебници за сите ученици.
Македонија
Ѓолека, Јаоски и Азизи влегуваат во трка за градоначалници, сподели Али Ахмети

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, вчера ја свика 23-та седница на Централното претседателство на партијата, каде се дискутираше за актуелните политички случувања, мобилизацијата на Националната алијанса за интеграција и претстојниот референдум закажан за 19 октомври.
На седницата едногласно беа усвоени три нови кандидатури за градоначалници: Фламур Ѓолека за Долнени, Али Јаоски за Пласница и Исамедин Азизи за Бутел.
„На 19 октомври народот ќе го врати достоинството и ќе ја потврди својата историска улога. Убеден сум дека ќе извојуваме плебисцитарна победа која ќе биде наша заедничка гордост“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на состанокот.
ДУИ најавува дека е во завршна фаза на селекција на сите кандидатури со кои Националната алијанса за интеграција ќе настапи на локалните избори.
„Сите сме на нозе, сите сме мобилизирани за победа, ова не е само партиска битка, туку битка за достоинството и иднината“, стои во соопштението на партијата.
Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.