Економија
Подобрување на услугите и дополнителна заштита на потрошувачите со нов амандман на Законот за енергетиката

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска се обрати на седница на собраниската Комисија за енергетика, на која во второ читање се рагледуваше Законот за енергетиката.
На седницата беше усвоен амандман на членот 28, со кој се додава нов став, предложен од група пратеници, а во насока на повисока заштита на правата и интересите на потрошувачите и корисниците на системите за пренос и дистрибуција на енергија, како и заради креирање мерки за поттикнување на ефикасноста во работењето.
Како што информираат од кабинетот на Анѓушев, на овој начин преку Законот за енергетиката операторите на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија се должни, на начин утврден со соодветни мрежни правила, да доставуваат секоја година до Регулаторната комисија за енергетика извештаи со статистички податоци за непрекинатост на испораката на енергија и за квалитетот на услугата, како и за бројот на приговорите од корисниците на системите и потрошувачите што се однесуваат на непрекинатост во испораката на енергија и за квалитетот на услугата.
Вицепремиерот го поздравил предлогот на пратениците и посочил дека со вметнувањето на амандаманот се добива подобар текст на Законот преку чија имплементација ќе се подобрува квалитетот на услугата за крајните потрошувачи.
„Досега контролор на квалитетот на услугите што ги даваат операторите беше единствено Регулаторната комисија. Регулаторната комисија имаше задача да ги воспостави и следи индикаторите SAIFI (индикатор за просечен број прекини во дистрибутивниот систем) и SAIDI (индикатор за просечно времетраење на прекин по потрошувач) и во согласност со добиените податоци да интеревенира за да го подобри нивото на услуга на операторите. Регулаторната комисија за енергетика тоа не го правеше и затоа е добро оваа обврска на Комисијата да биде законски регулирана, а не да се остава на добра волја и желба на Комисијата“, посочил Анѓушев.
Вицепремиерот воедно потенцирал дека со вметнувањето на амандманот Регулаторната комисија за енергетика добива силен механизам со кој ќе се зајакне контролата на квалитетот на услугата на операторите на дистрибутивната и преносната мрежа кон крајните потрошувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.