Македонија
Квалитетна музика за сите граѓани е целта на првиот скопски фестивал за улични музичари

Првиот фестивал на улични музичари во главниот град – Skopje Street Music Festival – ќе се одржи од 21 до 24 следниот месец. Во четирите фестивалски дена на шест локации жителите на Скопје, како и сите добронамерници што ќе поминат, ќе имаат можност да чујат разновидна музика изведена од врвни музичари, но и од аматери.
„Уличните фестивали нудат една посебна убавина и магија, пред сè заради непосредноста и интеракцијата што се создава помеѓу изведувачите и публиката. Ваквите настани на отворено се многу значаен фактор за развој на културното живеење во градот. Нашата визија е да создадеме фестивал што ќе ги урне стереотипите за уличната уметност и ќе ја направи квалитетната музика достапна за сите граѓани“, велат организаторите на фестивалот.
Покрај домашните, на фестивалот предвидено е да настапат и улични музичари од Хрватска, Србија и од Грција. Сите заинтересирани соло музичари, музички групи и улични артисти може да се пријават на конкурсот што ќе трае до 23 мај. Повеќе информации и апликацијата може да се најдат на овој линк. Конечната листа на изведувачи ќе биде направена по завршување на конкурсот од страна на селекторот на фестивалот.
Организаторите очекуваат содржина што ќе биде интересна, оригинална и достојна на една метропола и која ќе ги надополни и збогати атмосферата и амбиентот на Скопје за жителите и за туристите. Со понудената програма Скопје ќе се вброи на мапата на улични музички фестивали, на која веќе се наоѓаат голем број градови од речиси сите европски земји. Фестивалот се организира под покровителство на Град Скопје, а коорганизатор е ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.