Македонија
(Видео) Конструкција е случката во Струмица, рече Чавков

Поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, кој утрово беше да се пријави во судот, на прашање на „Макфакс“ во врска со настанот во Струмица рече дека станува збор за конструкција. На прашањето што се случило во Струмица, Чавков одговори со еден збор – конструкција по што влезе во возилото и замина.
Станува збор за случајот што викендов го потврди и Министерството за внатрешни работи, во кој струмичанец пријавил дека бил нападнат од четири лица, со кои бил и поранешниот министер за внатрешни работи, во ресторанот „Подготски ан“, кај селото Габрово.
„Тие го удирале со рацете во пределот на главата и грбот и побарале да им ја каже лозинката на телефонот. Набргу од летната тераса на објектот го внеле внатре и потворно му се заканувале и го удирале. Кога им ја кажал лозинката, го пуштиле да излезе надвор, а набргу потоа си заминале. Пред да заминат кај нападнатиот дошол и Чавков, кој седел на истата маса со напаѓачите и го запрашал што има против него“, соопшти МВР за овој случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на отворањето на Амбасадата на Казахстан во Скопје: Силна потврда кон продлабочување на билатералните односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше на официјалното отворање на Амбасадата на Република Казахстан во Скопје.
Тој ја поздрави минатогодишната одлука на Казахстан за отворање резидентна амбасада во нашата земја и изрази уверување дека овој чекор ќе придонесе за поинтензивна дипломатска комуникација и соработка.
Осврнувајќи се на досегашната билатерална динамика, Муцунски нагласи дека отворањето на резидентните амбасади – македонската во Астана во 2014 и казахстанската во Скопје во 2025 година – претставува силна потврда за посветеноста на двете држави кон продлабочување на односите и зближување на народите и културите.
„Отворањето на резидентната амбасада на Казахстан во Скопје е пријателски и позитивен чекор кој, без сомнение, ќе придонесе за подинамична и поструктурирана билатерална соработка. Тоа е јасен израз на заемната заложба за зајакнување на политичките односи, без оглед на географската оддалеченост. Нашите амбасади во Скопје и Астана се клучни двигатели на оваа визија, да го поттикнуваат дијалогот, да разменуваат перспективи и искуства и да соработуваат во справување со заедничките предизвици“, истакна Муцунски.
Во контекст на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Казахстан, министерот посочи дека двете земји ја потврдуваат подготвеноста за унапредување на политичката соработка, билатерално и во рамки на меѓународните организации, како и за интензивирање на економската и трговската размена и развој на секторска соработка во сите области од заемен интерес.
„Оваа триесетгодишнина не е само повод за одбележување, туку и можност за проширување на нашата билатерална агенда. Во време на зголемена глобална меѓузависност, вредноста на стратешките партнерства и суштинската соработка е поважна од кога било. Во тој дух го одбележуваме денешното отворање на Амбасадата на Казахстан – чин што ја зацврстува нашата дипломатска поврзаност и отвора нови можности за соработка“, додаде Муцунски.
Македонија
На граничните премини Табановце и Богородица се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица 20-30 минути, на Табановце 20-30 минути на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
МВР со апел до граѓаните: да не отвораат линкови од СМС пораки, можат да бидат цел на криминални групи

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, ги информира граѓаните дека во изминатиот период се забележани зголемен број случаи на испраќање лажни SMS пораки кои лажно се претставуваат во име на телекомуникациски оператори.
„Овие пораки содржат линкови до лажно дизајнирани веб – страници со цел да ве наведат да внесете лични или финансиски податоци, кои потоа можат да бидат злоупотребени од страна на криминални групи.
Апелираме до сите граѓани да бидат крајно внимателни и да постапуваат одговорно: Не отворајте линкови од сомнителни испраќачи;
Не внесувајте лични податоци на непроверени страници;
Не одговарајте на вакви пораки;
Пријавете го случајот во најблиската полициска станица;
Блокирајте го бројот на испраќачот.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи активно презема мерки и води постапки во врска со вакви измами“, се истакнува во соопштението.