Македонија
Кривична против поранешниот градоначалник на Јегуновце, се полнеле горива на сметка на Oпштината
Поранешниот градоначалник на општина Јегуновце и уште три лица од Tетовско добија кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластувањето, несовесно работење во службата и соизвршителство.
Пријавите се поднесени против Т.К. (50) од Скопје, Д.С.(42) од сeло Јанчиште, Тетовско, Р.М. (46) од Беловиште, Тетовско, и Д.К. (41) од Туденце, Тетовско.
„Во периодот од 1 јануари до ноември минатата година година првопријавениот Т.К. (50) како градоначалник на општина Јегуновце во повеќе наврати им овозможил на вработените во Општината да ставаат гориво во своите приватни возила на сметка на Општината. На тој начин го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 214.515 денари. Исто така, во периодот од 1.9.2017 до 30.11.2017 година тој одобрил нарачки на бекатон-плочки од фирма од Тетово, кои потоа им биле доставувани на повеќе физички лица, со што го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 1.057.026 денари. Во текот на 2017 година, првопријавениот, спротивно на Законот за јавните набавки, одобрил јавни набавки во износ од 500 евра во денарска противвредност, без да бидат даночени со ДДВ, а во повеќе наврати им овозможи привилегиран статус на четири фирми кои вршеле набавки за разни потреби на Општината, со што го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 1.140.224 денари“, соопшти МВР.
Во текот на 2017 година, второпријавениот, како раководител на Одделот за финансии во Општина Јегуновце и претседател на Комисијата за јавни набавки, спротивно на Законот за јавните набавки, одобрил да се склучат повеќе договори со исти фирми, а на други фирми, кои имале тендерска постапка, одобрил да им бидат исплатени парични средства и покрај тоа што од нивна страна не биле почитувани законските регулативи и како инвеститори не постапиле во согласност со проектите, односно не вршеле надзор за извршената работа и доставената стока. На овој начин второпријавениот го оштетил буџетот на Општината за 3.176.679 денари.
Во периодот од 1.1.2017 до 30.11.2017 година, третопријавениот, како возач во Општина Јегуновце, не водел никаква евиденција за службените возила. Платежните картички за точење гориво во службените возила ги распоредувал на вработени лица во Општината. Исто така, тој набавувал делови и опрема за службените возила без склучен договор за вакви набавки. За подигнатата стока немал соодветна документација за тоа каде биле монтирани. На тој начин третопријавениот го оштетил буџетот на Општина Јегуновце за 50.901 денар.
Во периодот од 1.5.2017 до 31.12.2017 година, четвртопријавениот, како помлад соработник за заштита, спасување и управување со кризи во Општина Јегуновце, вршел набавки на средства за хигиена и пијалаци за Општината од фирма на која ѝ истекол договорот со Општината, а платежната картичка за точење гориво во службените возила ја користел за свои лични потреби. На овој начин четвртопријавениот стекнал противправна имотна корист од 21.919 денари за кој износ го оштетил буџетот на Општина Јегуновце. Пријавените со извршените кривични дела го оштетиле буџетот на Општина Јегуновце во вкупен износ од 5.661.354 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

