Црна хроника
Двајца тинејџери од Сингелиќ со автомобил блокирале градски автобус зашто сакале да тепаат луѓе во него
Во текот на вчерашниот ден на скопската улица Алија Авдовиќ, автобус на Јавното сообраќајно претпријатие, кој сообраќал на линијата 65, од Транспортен центар кон село Стајковци, бил запрен од страна на тинејџери на возраст од 18 и 16 години, двајцата од село Сингелиќ.
Како што информираат од МВР, тие со автомобил „пежо 206“ со кумановски регистарски ознаки му го блокирале патот на автобусот по што излегле од возилото и побарале од возачот на автобусот да ги отвори вратите.
Возачот одбил, по што 16-годишникот со камен скршил едно странично стакло на автобусот. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници излегле на местото на настанот и презеле соодветни мерки. Двете лица биле приведени во полициска станица и таму изјавиле дека го запреле автобусот затоа што во него се возеле три лица што претходно ги нападнале.
Од оштетувањето на автобусот две лица се пожалиле на повреди во пределот на грбот по што биле упатени на преглед во Градската општа болница. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на овој случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен скопјанец баран со потерница за издржување казна затвор
Денеска во 16:30 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје по издадена судска наредба го лишија од слобода 26-годишниот Е.Т. од Скопје во врска со сторено кривично дело “Тешка кражба” за издржување на казна затвор во времетраење од три години.
По целосно документирање на случајот лицето ќе биде предадено во казнено-поправна установа.
Црна хроника
Кривична пријава против двајца кавадарчани за сторено кривично дело „лихварство“
ОВР Неготино, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против Н.С.(59) и Р.С.(34), двајцата од Кавадарци, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „лихварство“ по член 260 од Кривичниот законик.
Според пријавнеото, тие во периодот од јуни 2023 до ноември 2025 година на лице од Неготино му давале пари на заем со писмени и усни договори, а за себе договарале несразмерна имотна корист во вкупна вредност од 167.000 денари за што оштетениот доставил и докази.
Со наредба од Основен суд Кавадарци извршен е претрес во нивниот дом и помошни простории, при што се пронајдени и одземени мобилни телефони, а од Н.С. се одземени тефтери со забелешки, по што двајцата се лишени од слобода.
Црна хроника
Крадец влегол во куќа во Битола, го затекнал сопственикот
Основното јавно обвинителство Битола поведе истражна постапка за кривично дело – Разбојничка кражба против едно лице на возраст од 36 години.
На 15 декември, околу два часа по полноќ, осомничениот влегол во незаклучена куќа на улицата „Елпида Караманди“ во Битола, пребарувал низ спратот и пронашол и одзел 2.500 денари. Сопственикот го затекнал при кражбата, па осомничениот, со намера да ги задржи украдените средства, физички го нападнал со употреба на сила и му се заканил дека ќе го прободе со скалпел.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор.

